Демант на наводи изнесени од министерот Роберт Поповски на јавна дискусија

image_pdfimage_print

Скопје, 04.03.2018г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  најостро ги демантира наводите на министерот Роберт Поповски, од Јавната дискусија, одржана на 2 март 2018 година, во Владата на Република Македонија, дека Агенцијата со години не функционирала и не си ги вршела надлежностите, во контекст на реемитување странски програмски сервиси без авторски права.

Согласно важечкото законско решение, операторите може да реемитуваат програмски сервиси само доколку ги регистрираат во Агенцијата, за што им се издава потврда. Претходно, операторите задолжително доставуваат пријава и приложуваат изјава од одговорното лице на операторот, со која потврдува под целосна кривична и материјална одговорност, дека за реемитување на програмските пакети има уредено авторски и сродни права, согласно Законот за авторски и сродни права.  

Агенцијата редовно врши мониторинг врз кабелските оператори и доколку констатира дека некој оператор реемитува нерегистрирани програмски сервиси, на истиот му изрекува мерка и му наложува веднаш да ги исклучи програмските сервиси. Истовремено, Агенцијата ги известува имателите на правата, за да можат да покренат соодветна постапка против операторот, имајќи предвид дека Агенцијата нема можност да покренува судска постапка во нивно име.

По основ на нерегистрирани програмски сервиси, од страна на Агенцијата, во 2015-та година изречени се 62 мерки и покренати се 23 прекршочни постапки; во 2016 година изречени се 13 мерки без ниту една прекршочна постапка; додека во 2017 година, изречени се само 6 мерки, повторно, без ниту една прекршочна постапка. Со оглед на фактот што обемот и бројот на спроведени надзори се на исто ниво во посочените години, значителното намалување на прекршувањата покажува само едно – дека Агенцијата обезбедува доследна имплементација на законот.

Сите извештаи, мерки и анализи се објавуваат на веб страницата на Агенцијата веднаш по нивното изготвување и со тоа се лесно достапни секому кој сака да се запознае со нивната содржина. Воедно, Агенцијата е секогаш на располагање и отворена за соработка за сите прашања од делокругот на нејзината работа. Оттаму, непријатно сме изненадени од неаргументираните, паушални изјави чија намера е да се дискредитира работата на Агенцијата, а особено изненадува што тие се дадени од министер чија примарна задача треба да биде точно и аргументирано информирање на јавноста.



Accessibility

Accessibility