ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ НЕ ЈА УНАПРЕДУВААТ РЕГУЛАЦИЈАТА НА МЕДИУМИТЕ И НИВНАТА СЛОБОДА

Скопје, 06.02.2019 – Собранието на Република Македонија повторно, и тоа по скратена постапка, направи измени на закони кои се однесуваат на медиумите, без притоа да бидат земени предвид препораките и забелешките на стручната јавност и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во однос на Изборниот Законик, Агенцијата уште минатата година ги оцени како скандалозни измените со коишто платеното политичко рекламирање ќе се финансира од Буџетот на Република Македонија, со што платеното политичко рекламирање, наместо учесниците во изборниот процес, ќе го плаќаат граѓаните. Со завчерашните измени, само се допрецизираат аспекти од начинот како ќе им се плаќа на радиодифузерите, но не се отстрануваат ниту овој ниту другите нотирани недостатоци. На пример, останува законското решение со кое наместо медиумите – партиите ќе ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, што е директно мешање во уредувачката слобода на медиумите. Исто така, и натаму не се предвидува време за платено политичко рекламирање за независните кандидати.

Што се однесува, пак, до Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ), усвоените  измени, кои се случија само еден месец по претходните измени, повторно не ги решаваат клучните проблеми. Останува фактот дека со бришењето на законските одредби кои го уредуваа времетраењето и периодот на емитувањето на рекламите на јавниот радиодифузен сервис, тоа не само што тоа не се ограничи, туку се постигна токму спротивното. Сега МРТ може без временско ограничување и во кој било период од денот да емитува реклами во програмските содржини обезбедени врз основа на склучени посебни договори со заштитени авторски права.

Одредбата со која се предвидува дека јавните институции не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со своите услуги преку комерцијалните радија и телевизии останува беспредметна и несоодветна за овој закон зашто се однесува на јавните институции, а не на радиодифузерите (чие работење е предмет на ЗААВМУ).

Членот со кој се регулира реемитувањето на странските канали воопшто не ги решава проблемите на кои оправдано укажуваа кабелските оператори и радиодифузерите. Одложување на примената на оваа одредба само го пролонгира очекуваниот резултат – исклучување на најголем дел од странските програмски сервиси од пакетите на кабелските оператори во Република Македонија.



Accessibility

Accessibility