Прекршување на правилата за референдумско рекламирање

image_pdfimage_print

Скопје, 14.09.2018 година – Со мониторингот на медиумското претставување за време на референдумот, кај повеќе радиодифузери, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги констатираше неколку прекршувања на правилата за емитување платена јавна пропаганда.

Не се почитува дозволеното време за емитување на рекламните пораки „ЗА“ референдумот, вакви реклами се емитуваат и во програми во кои тоа не е дозволено, во случајов во посебни информативни програми, и рекламирањето во врска со референдумот не е означено и не е јасно одвоено од другите реклами на радиодифузерите.

Согласно Упатството за медиумско претставување за време на референдум потсетуваме дека:

  • Рекламните пораки „ЗА“ референдумот може да траат најмногу 4 минути и 30 секунди на секој реален час емитувана програма;
  • Истото важи и за рекламните пораки „Против“, односно за „Бојкот“ на референдумот;
  • Вкупното времетраење на сите рекламни пораки поврзани со референдумот може да изнесува 9 минути на секој реален час емитувана програма;
  • Редовното време за емитување реклами од 12 минути не смее да се користи за емитување платена јавна пропаганда, која пак треба да биде јасно одвоена од другите реклами;
  • Платената јавна пропаганда не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, за време на директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани, како и во и околу програми за деца и млади.
  • Агенцијата апелира до сите радиодифузери веднаш да го усогласат емитувањето на платената јавна пропаганда со Упатството и информира дека за сите прекршувања констатирани наредните денови, ќе бидат изречени соодветни мерки.


Accessibility

Accessibility