Промовирана публикацијата „Регулаторни тела за медиумите и говорот на омраза“

image_pdfimage_print

Скопје, 12.04.2018 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска на конференцијата на тема „Говорот на омраза во медиумите“ ја промовираше публикацијата „Регулаторните тела за медиумите и говорот на омраза“, во која се пренесени искуствата и практиките на регулаторите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора.

Како што соопшти директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски, во публикацијата се собрани компаративни податоци за легислативата поврзана со говорот на омразата во секоја од земјите, компетенциите на регулаторните тела, начинот на постапување и карактеристичните поединечни примери.

– Важно беше сето тоа да се контекстуализира во дискурсот во кој – за говорот на омразата се говори во европски рамки, да се извлечат заклучоци од минатото и, секако, да се дадат препораки за во иднина – рече Трајчевски.

Конкретни примери за справувањето со ова прашање презентираа Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Асја Рокша-Зубчевиќ од Регулаторната агенција за комуникации на Босна и Херцеговина и Станислав Бендер од Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска.

На конференцијата, стана збор и за стереотипите, дискриминацијата и говорот на омраза кон Ромите и ЛГБТИ-лицата. Претседателот на Едукативниот и медиумски развоен центар на млади Роми – Асоцијација „24 Вакти“, Бајрам Рамадан ги претстави наодите за известувањето за Ромите во македонските медиуми, кои се објавени во публикацијата „Слика за Ромите: Говор на омраза, антициганизам и медиуми“, а Славчо Димитров од Коалицијата „Маргини“ ги претстави резултатите од истражувањето за ставовите на публиката за претставувањето на ЛГБТИ-лицата во радио и телевизиските програми, кое е резултат на соработката меѓу Коалицијата и Агенцијата.

Конференцијата беше организирана во рамките на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, што заедно го спроведуваат Европската Унија и Советот на Европа.



Accessibility

Accessibility