Хроника од 56-та седница

Скопје, 27.11.2012 – На денешната седница, Советот за радиодифузија донесе одлука за одземање на дозволата за вршење радиодифузна дејност на ДПТУ “ЕКО-ПРОЕКТ“ ДООЕЛ експорт-импорт од Крива Паланка, од причина што наведениот радиодифузер не започнал со вршење на радиодифузната дејност во утврдениот рок.

Советот усвои Правилник за пријавување, реакција и санирање на инциденти кои влијаат или можат да влијаат на тајноста и заштитата на личните податоци кои се обработуваат во Советот и Правилник за начинот на правење на сигурносна копија, архивирање и чување, како и за повторно враќање на зачуваните лични податоци, по претходно прибавено мислење од  Дирекцијата за заштита на лични податоци.
Советот донесе Одлука за ослободување од плаќање радиодифузна такса за жителите во населено место Нов Истевник, општина Делчево и заклучи истата да ја достави до Владата на Република Македонија.

Со оглед на тоа што ТВ Канал 5 не ја извршил во целост мерката времена забрана за рекламирање и телешопинг за период од 3 (три) дена, изречена за непочитување на член 87 став 2 од Законот за радиодифузната дејност, Советот за радиодифузија заклучи на ТВ Канал 5 да му изрече мерка времена забрана за рекламирање и телешопинг за период од 1 (еден) ден.

Советот го разгледа Извештајот од мониторингот по претставките за серијата “Бурни Времиња” која  се емитува на програмата на ТВ Сител. Имајќи ја предвид темата и опишаните драматуршки намери, особено поради пренагласената, мелодраматично прикажана агонија на главните ликови, Советот заклучи дека серијата “Бурни Времиња” треба да се означи како програма од втора категорија и да не се репризира пред 17 часот.

На оваа седница, Советот ја усвои Програмата за работа на Советот за радиодифузија за 2013 година.  



Accessibility

Accessibility