Агенцијата го одржа третиот јавен состанок за 2018 година

Скопје, 26.09.2018г. – Денес, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржа третиот јавен состанок за 2018 година. Директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски во воведното обраќање ги презентираше спроведените активностите за третиот квартал, согласно Годишната програма за работа на Агенцијата – извршените надзори врз радиодифузерите, издавачите на печатени медиуми и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, изречените мерки-опомена, изработените анализи, активностите на полето на меѓународна соработка. Посебна активност на Агенцијата во овој период е следење на медиумското известување на радиодифузерите на државно ниво, во врска со референдумот.

Присутните имаа можност да ги проследат и клучните наоди од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2017 година, која ја изработи Агенцијата. Во оваа Анализа е опфатено економското работење на радиодифузерите, односно податоците за вкупните приходи, уделите на радиодифузерите во вкупните приходи, структурата на приходите, вкупните трошоци, уделите во вкупните трошоци и структурата на трошоци, резултатот од работењето и просечниот број на вработени во редовен работен однос, како и податоци од мерењата на телевизиската и радиската публика во 2017 година. Вкупните приходи што во 2017 година заедно ги оствариле Јавниот сервис и сите комерцијални телевизии и радиостаници изнесуваат 2.608.84 милиони денари, додека трошоците на сите радиодифузери заедно 2.703.84 милиони денари. Најгледана од терестријалните телевизии на државно ниво е ТВ Сител, со просечен неделен досег од 51.45%, додека најслушано државно ниво – РА Антена – 18.70%.

На состанокот се дискутираше и за текстот на Предлог – Уредбата за знаците за тревожење, начинот и процедурите за тревожење и постапките на населението, во која се утврдени обврски на различни субјекти, во случаи кога постои опасност со која се загрозува населението. Подетално за овој документ говореше Душко Петровски од Центарот за управување со кризи, кој ги презентираше одредбите од Предлог – Уредбата, која покрај за други институции, пропишува обврски и за медиумите. Во документот е посочено  дека информирање преку медиумите се врши во случај на ризик или опасност (воздушна, радиолошко-хемиско-биолошка или опасност од елементарни – природни непогоди и други несреќи), заради навремено предупредување и подготвување на населението за засолнување, поефикасна заштита и спасување или заштита на материјалните добра кои може да бидат или се зафатени од ризици и опасности.

 

Презентациите од третиот јавен состанок може да се преземат на следниве линкови:

д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата

Катерина Доневска, Виш соработник во Одделение за стратешко планирање



Accessibility

Accessibility