14.10.2009г. СРД ги интензивира активностите за откривање и спречување на можна нелегална медиумска концентрација

Законот за радиодифузната дејност ја ограничува можноста за поседување на повеќе електронски медиуми и го забранува истовременото поседување на електронски и печатени медиуми.

Скопје, 14 октомври, 2009 – Советот за радиодифузија (СРД) одлучи да ги интензивира активностите за откривање и спречување на недозволена медиумска концентрација заради заштита на плурализмот и разновидноста на програмските содржини од една страна и спречување на нелојалната конкуренцијата на пазарот на електронските медиуми во земјава од друга страна.
Законот за радиодифузната дејност ја ограничува можноста за поседување на повеќе електронски медиуми и го забранува истовременото поседување на електронски и печатени медиуми.
„Советот постојано ја следи состојбата во однос на евентуално постоење на скриена сопственичка поврзаност, како и на можен заеднички настап на медиумите на пазарот на рекламирање, што покрај другото, значи и врзано продавање на рекламното време на електронските медиуми и рекламниот простор на печатените медиуми.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.
„Сите сознанија, коишто се засноваат на изјави, реакции и други информации, до кои, во однос на неколку медиуми, оваа година дојде Советот, а кои упатуваат на скриена сопственичка поврзаност и нарушување на конкуренцијата на пазарот на реклами, и’ ги доставивме на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК).“
СРД и КЗК потпишаа Меморандум за соработка во областа на заштитата на конкуренцијата во радиодифузната дејност во 2007 година, што е основа за заедничко постапување во случај на кршење на законските одредби во оваа сфера.


Accessibility

Accessibility