Хроника од 43-та седница

Скопје, 28.12.2017г. – На денешната седница Советот ги даде следниве одобрувања за донесување на: Годишен план за јавни набавки во 2018 година на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Одлука за одобрување финансиски средства за набавка на адвокатски услуги од адвокатска канцеларија и Одлука за претплата на „Службен весник на РМ“ за 2018 година.

Се усвои и Правилник за заштита од пожари и експлозии на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.




Хроника од 42-та седница

Скопје, 27.12.2017г. – На вчерашната седница Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги донесе Годишните планови за вршење програмски и административен надзор за 2018 година и ја усвои Програмата за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година (со Програма на планирани активности и Финансиски план на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година).

Воедно, Советот на Агенцијата донесе Одлуки за одбивање на две писмени барања за објавување на јавен конкурс за доделување на дозволи за радио емитување на територија на град Скопје и територија на град Струмица.




Хроника од 41-та седница

Скопје, 22.12.2017г. – На денешната седница Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ja разгледа Информацијата во врска со предлозите за покренување на постапки за одземање на дозволи за телевизиско емитување на 4 (четири) иматели на дозволи-радиодифузери, кои со писмен допис ја известија Агенцијата дека ги враќаат дозволите за телевизиско емитување.




Хроника од 40-та седница

Скопје, 06.12.2017г. – На вчерашната седница, Советот на Агенцијата донесе Правилник за изменување на Правилникот за внатрешна организација и работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во однос на утврдување на распоредот на работното време на вработените во Стручната служба на Агенцијата.

Советот на Агенцијата усвои два предлога од директорот на Агенцијата кои се однесуваат на Информации за постоење на сомневање за сторена повреда на авторските права и сродни права од страна на еден радиодифузер кој емитува телевизиска програма на државно ниво и два оператори на јавни електронски комуникациски мрежи, и да ги достави до Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Центар за сузбивање организиран и сериозен криминал.

Се донесе Одлука со која се забрани спроведување на промена во сопственичката структура на ТРД 24 ВЕСТИ ДООЕЛ Штип, од причина што е утврдено дека со предложената промена на сопственичката структура би се создала недозволена медиумска концентрација во смисла на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во врска со добиеното Барање за одземање на дозволата на Телевизија 24 Вести, Советот на Агенцијата ја усвои Информацијата од службите во Агенцијата и го извести барателот дека не постои законска причина за одземање на дозволата на овој радиодифузер.

Советот на Агенцијата донесе заклучок со кој му одобри на директорот на Агенцијата да донесе Одлука за исплата на еднократна солидарна помош за подолготрајно боледување и лечење врз основа на здравствена документација на вработен во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.




Хроника од 39-та седница

Скопје, 21.11.2017г. – На денешната седница, Советот на Агенцијата донесе два Нацрт-годишни плана за вршење програмски и административен надзор за 2018 година, и Нацрт-програма за работа на Агенцијата за 2018 година (со Нацрт-програма на планирани активности и нацрт-финансиски план за 2018 година). За сите три Нацрта отворена е јавна расправа во времетраење од 30 дена, односно до 21.12.2017година.

Се донесе Одлука со која се дозволи промена на сопственичка структура на ТРД ТВ АЛСАТ-М од Скопје.

Во врска со Информацијата за неможноста за реализација на програмата на Универзитетското радио „Студент ФМ 92.9“, Советот на Агенција донесе заклучок писмено да се обрати до Министерството за образование и до Владата на Република Македонија.

Советот на Агенцијата, даде одобрување на директорот за спроведување на постапки за јавна набавка-услуга: изработка на радио и ТВ спот против сексизмот во медиумите и набавка на службена облека за надворешен соработник, за потребите на Агенцијата.




Хроника од 38-та седница

Скопје, 13.11.2017г. – На денешната седница, Советот на Агенцијата донесе Решениe за запирање на покрената постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Телеканал А1 ДООЕЛ Струмица.




Хроника од 37-та седница

Скопје, 07.11.2017г. – На 37-та седница Советот на Агенцијата даде одобрение директорот на Агенцијата да донесе Одлука за уплата на средства заради овозможување пристап на Агенцијата до податоците на Интернет дистрибутивниот систем на Централниот регистар на РМ. Исто така, согласно Годишниот план за јавни набавки на Агенцијата за 2017 година, Советот даде одобрение за спроведување на три постапки за јавни набавки и тоа:  Интернет конекција со хостирање на веб страница на Агенцијата, Горива за потребите на Агенцијата и Одржување на противпожарна – спринклер инсталација (сува потстаница, прскалки и пумпи) и ПП апарати.




Хроника од 36-та седница

Скопје, 30.10.2017г. – На денешната седница, Советот на Агенцијата покрена постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Телеканал А1 ДООЕЛ Струмица, поради прекршување на член 80 став 5 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно неплаќање на надоместокот за дозволата за телевизиско емитување.




Хроника од 35-та седница

Скопје, 27.10.2017г. – На денешната седница, Советот на Агенцијата ги разгледа Кварталните извештаи за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за периодот од 01.07 до 30.09.2017 година и Информација во врска со исполнување на минималните кадровски услови од страна на ТРД РТВ ОРБИС Битола ДООЕЛ.

Воедно, Советот одобри директорот да донесе Одлука со која се одобруваат финансиски средства за покривање на трошоци на претходна постапка заради утврдување на постоење услови за отворање на стечајна постапка над должникот ЕРА САТ ДООЕЛ Скопје и Одлука за обновување на кориснички пристапи до електронската база на прописи на „Службен Весник на РМ“.

Донесувањето на Одлуката за промена на сопственичка структура на ТВ 24 Вести од Штип се одложи поради проверка на приложената документација.




Хроника од 34-та седница

Скопје, 05.10.2017г. – На денешната седница, Советот на Агенцијата донесе Решение за запирање на покрената постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Телевизија КОБРА ДОО Радовиш, поради извршена целосна уплата на годишниот надоместок за дозвола за телевизиско емитување.