18.11.2009г. СРД и ДЗЛП ќе ја унапредат заштитата на личните податоци при медиумското известување

Скопје, 18 ноември 2009 – Координиран пристап кон намалување на случаите од преобемна обработка на личните податоци во известувањата на електронските медиуми се предвидува во меморандумот за соработка, потпишан меѓу Советот за радиодифузија (СРД) и Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП).

Директорката на ДЗЛП, Маријана Марушиќ и претседателот на СРД, Зоран Стефаноски за време на потпишувањето на меморандумот заеднички констатираа дека често пати електронските медиуми во нивното известување откриваат лични податоци на лица, кои се предмет на медиумско известување во обем поголем од она што ја задоволува суштината на веста.

„Би сакал да потсетам на програмските стандарди, што ги пропишува од Законот за радиодифузната дејност, меѓу кои се вбројуваат, етичкото известување, заштитата на човековото достоинство, но исто така и заштитата на личните податоци. Ова особено се однесува на прикажување на жртви на насилство и малолетници.“ – нагласи претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.

Директорката на ДЗЛП, Маријана Марушиќ додаде: „Кога станува збор за правото на приватност, поставено во релација со слободата на изразување, како и слободата на медиумите на информирање, многу е едноставно да се заклучи дека овие две права меѓусебно се конфронтираат, дека се поставени едно наспроти друго, но одлика на развиените демократски држави е воспоставување на баланс помеѓу нив, односно помеѓу приватниот и јавниот интерес и создавање на култура на почитување на приватноста.“

Членот 68 од Законот за радиодифузија меѓу останатите професионални стандарди посочува и на заштитата на личните податоци при јавното информирање.



Accessibility

Accessibility