Одржан третиот јавен состанок за 2017 година

Скопје, 28.09.2017г. – Вчера, Агенцијата го одржа третиот јавен состанок за 2017 година. За спроведените активности согласно Годишната програма за работа говореше д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата, кој ги презентираше активностите што Агенцијата ги реализираше во изминатото тромесечие – надзорите врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и издавачите на печатени медиуми; изречените мерки; изработените анализи, активностите на полето на меѓународна соработка; активностите во врска со мониторингот на изборното медиумско претставување за Локалните избори.

На состанокот беше презентирана и новата веб страница на Агенцијата, којашто е надградена со додатни функционалности. Со нивна помош значително ќе им се олесни пристапот до информации на лицата со целосно или делумно оштетување на видот и на лицата со далтонизам. Софтверот кој се користи, овозможува лицата со целосно оштетен вид, со притискање на одредени копчиња од тастатурата, да ја слушаат целата содржина од веб страницата, и тоа на македонски, англиски и албански јазик. Истовремено, за лицата со делумно оштетен вид има можност за зумирање на содржините, додека за лицата со далтонизам на располагање се опции за црно/бел контраст и бои кои овие лица можат да ги гледаат.

Присутните имаа можност да ги проследат и резултатите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2016 година, изработена од Агенцијата. Во неа се претставени податоци за бројот на радиодифузерите, за нивното економско работење во 2016 година и податоци за гледаноста на телевизиите и слушаноста на радиостаниците.
Во контекст на Локалните избори 2017, претставниците на медиумите, повторно беа потсетени за правилата за изборно медиумско известување кои важат за време на изборната кампања и во периодот на изборниот молк – обврските за известување на правичен, избалансиран и непристрасен начин; правилата за објавување на резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес; правилата за платено политичко рекламирање. Воедно, им беше посочено дека посебно треба да внимаваат на почитувањето на начелата за вршење на дејноста и употребата на „говорот на омраза“, односно да не претставуваат извор на „говор на омраза“.

Презентациите од третиот јавен состанок може да се преземат на следниве линкови:

д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата

м-р Магдалена Довлева Дaвидовска, Раководителка на Сектор за стратешко планирање и авторски права

Катерина Доневска, Виш соработник во Одделение за стратешко планирање

м-р Емилија Петреска Камењарова, Раководителка на Одделение за човекови права и медиумска писменост

м-р Сашо Петрушевски, Соработник во Одделение за заштита на авторските права

Добиените ставови и мислења и ставот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за третиот јавен состанок за 2017 година, можат да се преземат на следниот линк


Агенда за третиот јавен состанок на Агенцијата за 2017 година

Пријава за учество на третиот јавен состанок на Агенцијата за 2017 година