26.02.2013г. Потсетување на радиодифузерите за правилата во врска со потврдените кандидати за локалните избори

image_pdfimage_print

Советот за радиодифузија ги потсетува радиодифузерите дека личностите кои од страна на надлежните изборни органи се потврдени како кандидати за градоначалници или за членови на советите на локалната самоуправа, не смеат да се појавуваат во програмите на радијата и телевизиите од моментот на потврдувањето до започнување на изборната кампања.

Согласно Правилникот за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања, „радиодифузерите пред почетокот на изборната кампања не смеат да емитуваат изборно медиумско претставување“ (член 4). Ваквата одредба произлегува од член 69-а од Изборниот законик во кој е дефинирано значењето на поимот изборна кампања. Имено, под изборна кампања, меѓу другото, се подразбира и „…изборно медиумско… претставување… на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“.

Оттаму, медиумското известување за активностите на потврдените кандидати ќе значи започнување на изборната кампања пред нејзиниот официјален почеток (на 4 март 2013 година) и ќе претставува прекршување на Изборниот законик и на Правилникот за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања.

Во случаите кога потврдените кандидати се истовремено и актуелни носители на функции, радиодифузерите можат во вестите да информираат за оние нивни редовни активности кои се тесно врзани за извршувањето на функцијата. Притоа, начинот на известување не треба да биде во корист на нивната кампања (член 12 од Правилникот), односно носителите на функции не треба да се најдат во привилегирана положба во однос на другите потврдени кандидати (известување за активности кои претставуваат изборна кампања, какви што се отворањето јавни објекти – училишта, здравствени објекти и слично, или за други настани намерно создадени со цел да се привлече поголемо медиумско внимание).



Accessibility

Accessibility