Онлајн работилницата за АВМУ и СЕММ за регулација, саморегулација и мониторинг на примената на стандардите за известување во случаите на родовобазирано насилство во медиумите

image_pdfimage_print

На 4 декември 2020 година во Скопје, во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ се одржа онлајн работилница за регулаторното тело за медиуми – Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни Медиумски Услуги и саморегулаторното тело – Совет за етика во медиумите во Македонија. На состанокот учесниците/чките дискутираа за клучните факти и предизвици во врска со регулирањето, саморегулирањето и мониторингот на примената на стандарди за известување на медиумите за случаи на родово-базирано насилство.

Целта на работилницата беше релевантните чинители и претставници/чки од полето да дискутираат на темата за да се подобри начинот на кој медиумите известуваат за родово-базираното насилство и соодветно да ги зајакнат своите капацитети. Имено, по ратификувањето на Истанбулската Конвенција, македонските власти изработија и усвоија План на активности (2019-2023) од каде и доаѓа потребата за работилница од овој тип. Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и домашно насилство беше усвоен од страна на Владата на Република Северна Македонија и по јавниот увид истиот ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. Поради тоа, сè уште нема завршница во однос на легислативата и системската заштита на жени и девојчиња како жртви на насилство, и има недостаток на активности во делот на превенцијата. Со цел да се надополнат овие недостатоци и да се реализираат соодветните активности од Акцискиот план согласно Истанбулската Конвенција, заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа ЈУФРЕКС за Северна Македонија го поддржува регулаторното тело за медиуми и саморегулаторното тело преку соодветни активности.

Меѓународната експертка на Советот на Европа презентираше за искуството во земјите од ЕУ за примена на стандардите за известување за случаи на родово-базирано насилство во медиумите, основните концепти за известување, како и на што треба да се внимава при вршењето мониторинг. Дополнително многу теми поврзани со стереотипите, предрасудите и митовите беа презентирани и дискутирани, откривајќи ги така општествените ставови кон жените и девојчињата од една страна и мажите и момчињата од друга страна. Прифаќањето на родово-базираното насилство е дел од традицијата и културата на една нација преку родовите улоги кои придонесуваат кон родова нееднаквост и застој во развојојт.

Претставници/чки од регулаторното тело за медиуми и саморегулаторното тело за етика во медиумите во Северна Македонија учествуваа во плодна дискусија на презентираната тема и се стекнаа со конкретни знаења. Како дополнителна активност на оваа, проектот ЈУФРЕКС во Северна Македонија ќе поддржи и изработка на саморегулаторен документ во вид на Водич за вршење мониторинг на примената на стандардите за известување за случаи на родово-базирано насилство во медиумите, практична алатка што ќе има ја олесни работата на регулаторното и саморегулаторното тело.

Оваа работилница беше организирана во рамки на проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС 2)“. Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II“ и им овозможува на Корисниците да ги исполнат реформските агенди во делот на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди во рамки на процесот на проширувањето на ЕУ, онаму каде што е тоа применливо.



Accessibility

Accessibility