Хроника од 30-та седница

СКОПЈЕ, 19.06.2013 – Советот за радиодифузија (СРД) на денешната седница го усвои Извештајот од мониторингот на ЈП МРТ, прв програмски сервис на Македонската телевизија емитуван на 9 јуни 2013 година во кои не се забележани прекршувања на Законот за радиодифузната дејност и на подзаконските акти. 

СРД ги усвои Извештајот од мониторингот на ЈП МРТ, втор програмски сервис на Македонската телевизија емитуван на 9 јуни 2013 година и го заклучи следново:

– Поради прекршување на Член 71 став 3 од Законот за радиодифузната дејност и член 7 од Правилникот за заштита на малолетната публика од програми што можат штетно да влијаат врз нејзиниот физички, психички и морален развој (несоодветен термин на емитување програма), му изрече писмена опомена со барање за објавување.

– Поради прекршување на Член 71 став 3 од Законот за радиодифузната дејност и член 13 став 1 од Правилникот за заштита на малолетната публика од програми што можат штетно да влијаат врз нејзиниот физички, психички и морален развој (непочитување на правилата за заштита на малолетните лица, односно необележување на промотивните најави за играната програма со визуелен знак што ја сигнализира категоријата програма што се најавува), му изрече писмена опомена.

СРД ја усвои Информацијата за постапувањето на програмскиот сервис на ТРД Канал 5 ДОО – Скопје по укажувањето за серијалот “Тишина. Во периодот од 25 до 31 мај 2013г., беше спроведен мониторинг на серијалот “Тишина” и беше констатирано дека премиерните изданија на серијалот се емитуваат во соодветен термин, после 23 часот, но се означени со знак за програми од втора категорија, а не како програми од трета категорија. Исто така, е констатирано дека репризните изданија се прикажуваат пред 21 часот и се означени со предупредувачкиот знак за програми од прва категорија, што е спротивно на член 71 став 3 од Законот за радиодифузна дејност и на член 7 од Правилникот за заштита на малолетната публика. Поради овој прекршок СРД на ТРД Канал 5 му изрече писмена опомена.

СРД ја усвои Информацијата за постапувањето на програмскиот сервис на ТРД Телевизија СИТЕЛ ДООЕЛ Скопје, по мерката за серијалот “Бурни времиња”. Беше реализиран мониторинг на серијалот “Бурни времиња” во периодот од 1 до 7 јуни 2013 година со кој е утврдено дека премиерните изданија на серијалот се емитуваат во соодветен термин, после 17 часот, но се означени со знак за програми од прва категорија, а не како програми од втора категорија. Исто така, е констатирано дека репризните изданија се прикажуваат пред 17 часот и се означени со предупредувачкиот знак за програми од прва категорија што е спротивно на член 71 став 3 од Законот за радиодифузната дејност и на член 7 од Правилникот за заштита на малолетната публика. Поради овој прекршок СРД на ТРД Телевизија СИТЕЛ му изрече мерка – еден ден забрана за рекламирање.

СРД ја усвои Информацијата во врска со плаќањето на надоместокот за дозвола за вршење радиодифузна дејност за терестеријално емитување, по пресметки доставени на 03.06.2013 и заклучи согласно член 64 од Законот за радиодифузната дејност и член 23 став 1 од Правилникот за процедурите на финансиското и сметководственото работење на Советот за радиодифузија на РМ, да иницира постапка за одземање на дозволата за вршење радиодифузна дејност, на трговските радиодифузни друштва ТРД Телевизија Канал 8 Кочани, ТРД ТВ ВИЖН-БМ Прилеп, ТРД ТВ Лажани Лажани и ТРД Г-ТВ Телевизија Гостивар, кои по доставените пресметки не извршиле плаќање на надоместокот за дозволата во наведениот рок од 15 дена, односно, во целост не го платиле надоместокот за дозволата. Советот ќе упати последно предупредување да го платат долгот кон Советот во рок од 15 дена од иницирањето на постапката за одземање на дозволите, известувајќи ги дека во спротивно, согласно иницираната постапка за одземање на дозволите, Советот ќе донесе одлука за одземање на дозволите за вршење радиодифузна дејност.

СРД ја усвои Информацијата во врска со неработењето односно неемитувањето радио програмски сервис на Друштвото за радиодифузија ДИ-ЏЕЈ Славе ДООЕЛ Струга и заклучи доколку радиодифузерот го исплати надоместокот за дозволата заклучно со 28.06.2013 година, ќе го усогласи своето работење со Законот за радиодифузната дејност од аспект на член 60 односно плаќањето на надоместокот за дозволата. Во спротивно, на радиодифузерот дозволата ќе му биде одземена по овој основ.



Accessibility

Accessibility