02.12.2009г. Конкурс за телевизија преку сателит

Се објавува конкурс за доделување 1 (една) дозвола за вршење радиодифузна дејност за емитување телевизиски програмски сервис преку сателит…


Република Македонија
Совет за радиодифузија
Бр. 07-4046/1
02.12.2009 година
С к о п ј е

Врз основа на член 44, а во согласност со член 45, 46 и 47 од Законот за радиодифузната дејност (Службен весник на РМ бр.100/05, 19/07, 103/08, 152/08), и Заклучокот на Советот бр. 02-4023/2 од 02.12.2009 година, Советот за радиодифузија на РМ на 23-та седница одржана на 02.12.2009 година ја донесе следната

О Д Л У К А

за објавување конкурс за доделување дозвола

за вршење радиодифузна дејност

(телевизија преку сателит)

1. Се објавува конкурс за доделување 1 (една) дозвола за вршење радиодифузна дејност за емитување телевизиски програмски сервис преку сателит, и тоа:

– 1 (една) дозвола, на албански јазик.

2. Телевизискиот програмски сервис, наведен во точката 1 на оваа Одлука, ќе биде од општ формат1 и ќе се емитува преку сателит кој ќе го избере имателот на дозволата.

3. За ниво на опфат на гледаност, односно сервисна зона за емитување на телевизискиот програмски сервис преку сателит ќе се смета целото подрачје на Република Македонија.

4. Дозволата за вршење радиодифузна дејност за емитување телевизиски програмски сервис преку сателит ќе се додели за временски период од 9 (девет) години и таа не може да се пренесува на друго лице.

5. Условите и барањата што кандидатите треба да ги исполнуваат за вршење на дејноста како и критериумите за споредување и вреднување на пријавите и нивната тежина при оценувањето, се содржани во конкурсната документација која содржи општи, технички, продукциски, програмски и други услови, чиј текст е составен дел на оваа Одлука (Прилог 1)2.

6. Основните технички услови, стандарди и параметри за емисиониот дел, што се однесуваат на земската сателитска станица се одредени во согласност со Законот за електронските комуникации (Службен весник на РМ, бр. 13/05, 14/07, 55/07, 98/08) и ќе бидат содржани во Одобрението за користење радиофреквенција издадено од Агенцијата за електронски комуникации.

7. За дозволата се плаќа годишен надоместок за секоја тековна година, почнувајќи од датумот на доделувањето на дозволата, на сметката на Советот за радиодифузија.

Висината на годишниот надоместок за дозволата, Советот за радиодифузија ќе ја пресметува согласно член 60 од Законот за радиодифузната дејност на почетокот на секоја календарска година.

8. За користење на радиофреквенциите за сателитска служба се плаќа годишен надоместок пресметан според Правилникот за начинот на пресметка на годишниот надоместок за користење на радиофреквенции, донесен од страна на Агенцијата за електронски комуникации (Службен весник на РМ, бр. 02/08).

Надоместокот за користење радиофреквенции се плаќа на сметка на Агенцијата за електронски комуникации за секоја тековна година, почнувајќи од датумот на издавањето на Одобрението за користење на радиофреквенции.

Пријавувањето на кандидатите во Агенцијата за електронски комуникации треба да биде со истиот назив како и во Советот за радиодифузија.

9. Кандидатите на Конкурсот поднесуваат пријави на посебен образец чија форма и содржина ги пропишува Советот за радиодифузија.

Општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови кои се составен дел на конкурсната документација, Образецот – Пријава, и прилозите кон документацијата, можат да се подигнат во Советот за радиодифузија на Република Македонија, бул. “Маркс и Енгелс” бр.3, Скопје.

За документацијата се плаќа надоместок во износ од 5.000,00 денари на жиро сметка: 300000000618023, Банка депонент: Комерцијална банка А. Д. Скопје.

10. Пријавата се поднесува до Советот за радиодифузија на Република Македонија, на адреса: бул. “Маркс и Енгелс” бр. 3, Скопје, со назнака “Пријава за конкурс за доделување дозвола за вршење радиодифузна дејност (телевизија преку сателит)”.

Пријавата, со придружната документација, се поднесува во 2 (два) оригинални примерока.

11. Пријавата може да се достави препорачано по пошта или со предавање во архивата на Советот за радиодифузија.

12. Пријавата за учество на Конкурсот се поднесува во рок од 50 (педесет) дена.

Рокот за поднесување на пријавите тече од првиот нареден ден од денот на објавувањето на оваа Одлука во “Службен весник на РМ”.

Пријавите се поднесувааат во рокот определен со оваа Одлука на начин, форма и со содржина предвидена во конкурсната документација со општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови.

Пријавите што ќе бидат поднесени по истекот на рокот определен со оваа Одлука и нема да бидат подготвени и доставени според условите утврдени во конкурсната документација, односно со општите, техничките, продукциските, програмските и другите услови нема да бидат разгледувани.

13. Оваа одлука се објавува во “Службен весник на Република Македонија”, на веб-страницата на Советот за радиодифузија на Република Македонија и во најмалку два дневни весника, а влегува во сила од првиот нареден ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Совет за радиодифузија на Република Македонија

Претседател,

Зоран СТЕФАНОСКИ, с.р.



Accessibility

Accessibility