15.04.2011г. Демант на обвинувањата од ВМРО ДПМНЕ

СКОПЈЕ, 15.04.2011 – Советот за радиодифузија е независно регулаторно тело за медиуми и најостро ги демантира обвинувањата, изнесени на прес-конференцијата на владејачката ВМРО ДПМНЕ. Ваквите напади се најнедемократски обид на еден политички субјект за вршење притисок врз независното регулаторно тело пред претстојните избори преку ширење клевети и невистини. Нарушувањето на независноста на регулаторното тело за медиуми им прилега на тоталитарни режими, а не демократски општества.

Нацрт-правилниците за медиумското покривање на изборите активности беа усвоени со гласовите на сите членови на СРД, на седница којашто беше свикана и одржана согласно сите законски норми и според Деловникот на СРД. Овие правилници беа ставени на јавен увид и за нив беа свикани јавни дебати на кои учествуваат речиси сите медиуми, претставници од невладиниот сектор и од меѓународната заедница, а беа испратени и до Државната изборна комисија. Заклучоците од овие јавни дебати ќе бидат разгледани и усвоени на наредната седница на СРД, кога ќе биде усвоена и нивната конечна верзија.

СРД нагласува дека е неетички и несериозно една политичка партија лично да го напаѓа и клевети претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Стефаноски и да ги нарушува неговото човечко достоинство и личната приватност, а притоа да не се соочи со фактот дека СРД е колективно тело.



Accessibility

Accessibility