11.12.2013г. Соопштение до медиумите

Советот за радиодифузија ги потсетува медиумите дека при информирањето за општествените теми и настани имаат обврска да ги почитуваат професионалните новинарски стандарди, кои се преточени во членот 68 од Законот за радиодифузната дејност.

Медиумите особено треба да внимаваат да обезбедат „објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мисле­­њето на публиката за одделни настани и прашања“, како и да го поттикнуваат „духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло“.

Како и сите други граѓани, така и новинарите и уредниците ги уживаат своите со Устав загарантирани права и слободи, вклучувајќи го и правото на сопствено мислење. Меѓутоа, како медиумски професионалци тие не смеат да заборават дека во новинарските производи коментарот е слободен, но фактот е неприкосновен, како и дека повторувањето на говорот на омраза може да предизвика кривични дела од омраза.

Од исклучителна важност е кога се информира за теми кои ги допираат меѓуетничките односи, каков што е случајот со известувањето за настаните што се поврзуваат со поставувањето на скулптурата на цар Душан во Скопје, при што може да се појават и изјави со елементи на дискриминација или дури и на говор на омраза, за нив да се обезбеди дополнителен контекст или да се прекажат.

Почитувајќи ја независноста и уредувачката слобода на медиумите, Советот, особено и обрнува внимание на ТВ Алсат-М, при известувањето да ги почитуваа професионалните новинарски стандарди и да избегнува користење на сензационализам, со цел да не се разгоруваат меѓуетнички тензии и очекува при информирањето за оваа тема да се задржи неутралниот тон на известување.

Исто така, Советот за радиодифузија ги отфрла шпекулациите, изнесени од главниот и одговорен уредник на ТВ Алсат-М Мухамед Зеќири, што ги пренесоа некои медиуми, дека министерства вршеле притисок врз работата на регулаторното тело. Советот е независно регулаторно тело кое во своето работење и одлучување се раководи само од одредбите на Законот за радиодифузната дејност и од меѓународните акти што ги ратификувала и кон кои пристапила Република Македонија.



Accessibility

Accessibility