Радиодифузерите на 10 и 11 мај да ја прилагодат програмата со чинот на жалост

Скопје, 10.05.2015.г – По повод загинувањето на припадниците на безбедносните сили од Министерството за внатрешни работи, во полициската акција за откривање и разбивање на поголема вооружена терористичка група во околината на Куманово, Владата на Република Македонија, 10-ти и 11-ти мај 2015 година, ги прогласи за денови на жалост.

Агенцијата ги повикува радиодифузерите да ја прилагодат програмата на чинот на жалост. Ова значи забавните шоу програми, хумористичните емисии или играната програма од жанрот комедија, планирани да се емитуваат овие два дена да се прераспоредат за други денови од седмицата. Ова важи и за рекламирањето, додека за другите форми на комерцијални комуникации (телешопингот, спонзорството и пласирањето производи) нема ограничувања.

Радио програмските сервиси треба да емитуваат музика од жанрови соодветни за денови на жалост, а овие два дена се ослободени од својата законска обврска дневно да обезбедат најмалку 40% (комерцијалните и непрофитните радија) и најмалку 50% (радио сервисите на МРТ) од емитуваната музика да биде инструментална музика од македонски автори и автори на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија и/или вокална и/или вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници.

Музиката што ќе ја емитуваат телевизиите на 10-ти и на 11-ти мај 2015 година, исто така, треба да биде од музички жанрови соодветни за денови на жалост.



Accessibility

Accessibility