РЕАКЦИЈА НА АГЕНЦИЈАТА НА СТАВОВИТЕ НА ММА И НА СДСМ: АЈДЕ ДА ЗБОРУВАМЕ СО ФАКТИ, А НЕ СО ЗАКАНИ И НАПАДИ

Скопје, 20 мај 2016 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги обично реагира кусо и концизно. Меѓутоа, последните две реакции во врска со констатациите од мониторингот на медиумското известување во периодот по распишувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година – едната од СДСМ, а другата од Македонската медиумска асоцијација, бараат на едно место да се соберат фактите од 18-годишното функционирање на регулаторното тело.

Изненадувачка е осудата на ММА за оценката за уредувачка усогласеност на телевизиите Сител, Алфа и Канал 5, изнесена не само во Вториот, како што велат тие, туку и во Првиот извештај на Агенцијата од предизборниот период од 2016 година.

На обвинувањата дека станува збор за „лично толкување“ и „слободна перцепција“ најдобро може да се одговори преку фактите – во конкретниов случај преку споредба на прилозите емитувани на трите телевизии врз основа на којa беше донесен заклучокот во извештаите. Впрочем, одговорните лица на овие три телевизии не би требало да се изненадени од ваквата оценка затоа што таа се потврдува и од поединечните извештаи за прекршување на член 75-б (достапни на веб страницата на Агенцијата), врз основа на кои Агенцијата покрена прекршочни постапки, а во кои се наведени само дел од емитуваните прилози.

Згора на тоа, во Вториот периодичен извештај на ОБСЕ/ОДИХР стои дека истите три телевизии имаат „сличен пристап во покривањето на вестите“ (Between 15 April and 11 May, the most popular private stations Sitel and Kanal 5, together with Alfa, displayed a similar approach in the news coverage…).

Што се однесува до тврдењето на СДСМ дека Агенцијата по четиригодишен молк проговорила за прекршувањето на принципите – повторно сметаме дека најдобро ќе одговориме со факти – во конкретниов случај, со оценките за известувањето на радиодифузерите објавени во извештаите од мониторинзите на парламентарните избори од 1998 година наваму:

Парламентарни избори 1998: Најголем дел од медиумите, во основа ја следеа изборната трка на непристрасен и неутрален начин, настојувајќи да отстапат подеднаков простор. Определен број – нескриено партиски се профилираа. Се повикуваа на принципите на уредувачката самостојност и независност, но всушност излегоа надвор од основните професионални програмски стандарди. Без критичка анализа на програмските приоритети на партиите и само информирајќи за изборните случувања, одделни медиуми ја запоставија својата улога на критички инструмент на граѓаните во јавниот дијалог со власта.

Парламентарни избори 2002: Медиумската рефлексија на изборниот процес покажа дека медиумите се достапни за различни интереси, дека власта има големо влијание врз Јавниот сервис, но и врз некои од приватните медиуми, како и дека новинарскиот професионализам е сè уште кревок и, затоа, подложен на различни политички влијанија. Парламентарни избори 2006: Радиодифузерите, генерално – не успеаја да ги испочитуваат законските обврски за правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите во вкупната програма и не обезбедија рамноправен пристап во претставувањето на изборните програми на кандидатите за пратеници. Во вестите, непочитувањето на принципот на избалансираност главно се должи на драстичните разлики во отстапеното време за партиите и за коалициите со кампањи со сличен интензитет.

Предвремени парламентарни избори 2008: Радиодифузерите не ги почитуваа законските обврски за правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите во вкупната програма, а само мал дел се придржуваа до принципот на пропорционалност и обезбедија баланс во известувањето во вестите и информативната програма. Кај некои медиуми е потребно повисоко ниво на професионализам, односно да се сфати и прифати фактот дека програмите што не се поврзани со кампањата не треба да се користат за промоција или во функција на кандидатите, дека интервјуто е аналитички новинарски жанр, а не форма на платено политичко рекламирање и дека основа на уредувачката политика треба да биде независноста, а не одлуката да се поддржат одредени партии/коалиции.

Предвремени парламентарни избори 2011: Во овој изборен процес, како никогаш досега, најгледаните медиуми се ставија себеси во функција на застапување одредена позиција. Нивната меѓусебна нетрпеливост растеше во текот на кампањата. Карактеристични беа новинарските прилози за економската и за политичката состојба во државата во кои тие заемно си противречеа околу тоа чија е вината за проблемите, односно заслугата за достигнувањата. Негативно и позитивно врамување имаше и кај други медиуми. Наодите од мониторингот покажаа дека и партиите ги препознаваа медиумите како свои или како противнички.

Предвремени парламентарни избори 2014: Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги констатираше неизбалансирано покривање на кампањата кај сите пет терестријални комерцијални телевизии на државно ниво и против сите покрена прекршочни постапки, односно спроведе процедура на порамнување.

Сето ова е само делче, од она што регулаторното тело го има констатирано, јавно објавено и за што има реагирано и кај радиодифузерите и кај медиумската заедница пошироко. Се чини дека, веќе 18 години – никој не слушал, ниту пак, нешто прочитал.

Проблемите во медиумскиот простор се далеку поголеми и посложени, и не може да се отстранат преку ноќ со козметички промени на регулативата, ниту пак, тоа може да го направи регулаторот сам. Сите во оваа област, добро знаат кои се надлежностите и можностите за постапување на Агенцијата.



Accessibility

Accessibility