Одржан третиот јавен состанок

Скопје, 28.09.2017г. –Вчера, Агенцијата го одржа третиот јавен состанок за 2017 година. За спроведените активности согласно Годишната програма за работа говореше д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата, кој ги презентираше активностите што Агенцијата ги реализираше во изминатото тромесечие – надзорите врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и издавачите на печатени медиуми; изречените мерки; изработените анализи, активностите на полето на меѓународна соработка; активностите во врска со мониторингот на изборното медиумско претставување за Локалните избори.

На состанокот беше презентирана и новата веб страница на Агенцијата, којашто е надградена со додатни функционалности. Со нивна помош значително ќе им се олесни пристапот до информации на лицата со целосно или делумно оштетување на видот и на лицата со далтонизам. Софтверот кој се користи, овозможува лицата со целосно оштетен вид, со притискање на одредени копчиња од тастатурата, да ја слушаат целата содржина од веб страницата, и тоа на македонски, англиски и албански јазик. Истовремено, за лицата со делумно оштетен вид има можност за зумирање на содржините, додека за лицата со далтонизам на располагање се опции за црно/бел контраст и бои кои овие лица можат да ги гледаат.
Присутните имаа можност да ги проследат и резултатите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2016 година, изработена од Агенцијата. Во неа се претставени податоци за бројот на радиодифузерите, за нивното економско работење во 2016 година и податоци за гледаноста на телевизиите и слушаноста на радиостаниците.
Во контекст на Локалните избори 2017, претставниците на медиумите, повторно беа потсетени за правилата за изборно медиумско известување кои важат за време на изборната кампања и во периодот на изборниот молк – обврските за известување на правичен, избалансиран и непристрасен начин; правилата за објавување на резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес; правилата за платено политичко рекламирање. Воедно, им беше посочено дека посебно треба да внимаваат на почитувањето на начелата за вршење на дејноста и употребата на „говорот на омраза“, односно да не претставуваат извор на „говор на омраза“.



Accessibility

Accessibility