Објавен Првиот извештај од медиумското известување за Претседателските избори 2019

Скопје, 14 март 2019г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го изготви Првиот извештај од мониторингот на медиумското известување за Претседателските избори 2019 година, којшто се однесува на периодот од 9 февруари до 6 март 2019 година. Во извештајот е анализирана 24-часовната програма на телевизиските и радио каналите на Јавниот радиодифузен сервис на македонски и албански јазик и на 11 телевизии на државно ниво.

 

Резултатите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите на Изборниот законик. Во врска со појавувањето на новинарка на МРТ1 како водителка на 18-та Конференција на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ не беше констатиран прекршок бидејќи таа не се појави во прилозите од овој настан на програмите на мониторираните радиодифузери. Агенцијата упати укажување до јавниот сервис за потребата стриктно да се почитува законската одредба според која уредници, новинари, водители и презентери во радио и телевизиските програми, не смеат истовремено да учествуваат и во предизборни активности на политички партии.

Тема од континуиран интерес во дневно-информативните емисии на медиумите беа подготовките за изборите за претседател на државата, особено на тројцата кандидати. Истовремено, медиумите известуваа за секојдневната меѓупартиска комуникација којшто го отсликуваше ривалството меѓу политичките партии, особено меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Притоа, неретко беше замаглена разликата меѓу Владата и владејачките партии, односно и при обвинувањата и при одговорите постои мешање на тоа што е во надлежност на партија, а што на државен орган или носител на функција.

Јавниот радиодифузен сервис ги исполни обврските да обезбеди информирање и за лицата со оштетен слух, како и да емитува дебати и информации од Државната изборна комисија за изборниот процес. Информации за лицата со оштетен слух обезбеди и ТВ 24 Вести.

Првиот извештај од медиумското известување за Претседателските избори 2019 е достапен на линкот.



Accessibility

Accessibility