„МОСТ“ ДА НЕ ДАВА ПАУШАЛНИ ОЦЕНКИ ЗА ДЕЗИНФОРМАЦИИ

Скопје, 06.08.2019 – Наводите објавени во „Топ листа на дезинформации во случајот Рекет“ изработена од F2N2, проект на Граѓанската асоцијација МОСТ – Скопје, дека директорот Зоран Трајчевски во емисијата „Код“ пласирал дезинформација се неточни и се само уште еден пример дека отсуството на проверка на фактите доведува до создавање и ширење дезинформации.

Во листата, изјавата на директорот на АВМУ е оквалификувана како дезинформација и покрај тоа што од неа беше сосема јасно дека се информира за активностите на Агенцијата во врска со покренатата постапка против 1ТВ за утврдување тајно содружништво, односно за барањето на Агенцијата до МВР за проверка на добиените сознанија и за добивање информации од значење за постапката. Проверката на информации и меѓуинституционалната соработка не може да се поистоветува со ширење дезинформации, поради што Агенцијата реагираше на демантот на МВР.

Реакцијата беше објавена на повеќе медиуми и ако F2N2 ја почитувал сопствената методологија и цели, требало да ја има предвид нејзината содржина како и да ги провери сите факти пред да даде оценка за дезинформација.

Вистинското орудие во борбата против дезинформациите е целосното, вистинитото и објективното прикажување на настаните и ова особено треба да го имаат предвид сите оние коишто се залагаат и работат на борбата против дезинформации. Презентирањето половични информации од организација којашто се бори против дезинформации и лажни вести додека истовремено повикува на објективност, точност, почитување на професионални стандарди, етички принципи и култура на говор е крајно непрофесионално.