СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

image_pdfimage_print

Скопје, 5 септември 2019 – Согласно својата надлежност да го следи информирањето на радиодифузерите за родовите теми и прашања, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изврши увид во начинот на кој националните телевизии, во вчерашните централни вести, известија за сексистичката и омаловажувачката изјава на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски кон министерката за финансии Нина Ангеловска.

Четири од националните телевизии известија за настанот, додека останатите донесоа уредничка одлука воопшто да не информираат за овој настан. Три телевизии зазедоа критичка позиција, пренесоа ставови на што повеќе релевантни извори и ставија акцент врз осудата на изјавата. Јавниот радиодифузен сервис, на МРТ1 само ги пренесе реакцијата на СДСМ и извинувањето од портпаролот, оставајќи ги гледачите без основната информација за тоа кој е настанот на кој се однесуваат реакциите и дека сексизмот не е прифатлив начин на комуницирање. На МРТ2, немаше информација во вестите на ниту една од редакциите.

Медиумите се независни во креирањето на својата уредувачка политика, меѓутоа треба да имаат предвид дека согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите имаат обврска да „придонесуваат за развивањето и подигањето на свеста за еднаквите можности“. За очекување е ваквата своја улога да ја остварат преку критичко известување за настан кој, според професионалните новинарски стандарди и параметри, претставува „вест“ и заслужува место во дневноинформативните емисии.

Во правец на понатамошно подигнување на свеста за важноста на отстранувањето на родовите стереотипи и сексизмот од медиумското известување, Агенцијата ги повикува радиодифузерите повторно на своите програми да ги емитуваат спотовите од кампањата „Сексизмот понижува“, достапни на Јутјуб каналот на Агенцијата.



Accessibility

Accessibility