СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

image_pdfimage_print

Скопје, 23.01.2020 – Делегација предводена од заменик претседателот на Владата за европски прашања д-р Бујар Османи денеска беше во работна посета на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

На состанокот се разговараше за надлежностите на Агенцијата, при што посебен акцент беше ставен на Изборниот Законик, медиумите и нивната улога во изборниот процес, како и за обврските на Агенцијата поврзани со мониторингот на изборното медиумско покривање.

По средбата, заменик претседателот на Владата за европски прашања изјави дека денешната посета е дел од серијата состаноци чија цел е да има што помалку изненадувања во овој изборен процес, особено затоа што деновиве земјите-членки на Европската Унија почнуваат да работат на вонредниот извештај за напредокот на државата, којшто треба да се објави во февруари.

– Изборите и изборната кампања коинцидираат со одлуката за почнување преговори. Самитот ќе се одржи на 26-ти март, на четвртиот ден од кампањата. Тоа што ќе се случи во првите денови од кампањата директно ќе влијае на гласањето на министрите за надворешни работи и премиерите на земјите-членки за започнување преговори – рече Османи, заблагодарувајќи му се на Регулаторот за неговата работа и за тоа што бројот на прекршоци од страна на медиумите речиси се сведува на нула.

Директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски изјави дека регулаторот е стопроцентно подготвен од технички, кадровски и од административен аспект да ги спроведе своите активности за време на изборите и дека како и во претходните изборни циклуси ќе биде даден максимумот. Тој додаде дека спроведувањето на Изборниот Законик од страна на Агенцијата ќе биде на највисоко ниво, што вообичаено се нотира во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и на сите набљудувачи. Тој воедно изрази уверување дека институцијата ќе биде еден од позитивните чинители во општеството којшто ќе придонесе за позитивна оценка во вонредниот извештај за напредокот кон ЕУ.



Accessibility

Accessibility