Одржана работилница за обезбедување пристап до медиумите на лицата со попреченост

image_pdfimage_print

Скопје, 30 јануари 2020 година – Во рамки на втората фаза од проектот ЈУФРЕКС „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Република Северна Македонија“, вчера се одржа работилница за радиодифузери и даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање чија цел беше преку споделување искуства од европски и домашните практики, да се изработи саморегулациски документ кој ќе овозможи поголем пристап до медиумите за лицата со сетилна попреченост.

На работилницата, организирана од Советот на Европа и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, експертката од Советот на Европа, Диардре Кевин меѓу другото ги претстави правата и обврските на државите-членки и кандидатки за членство во ЕУ, учесниците во аудиовизуелниот сектор и другите чинители, во однос на релевантните акти на Обединетите нации, на Советот на Европа и обврските кои произлегуваат од ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги. Во оваа насока, таа направи компаративна анализа на европските практики во поглед на активностите преземени од радиодифузерите за примена на различните начини на обезбедување достапност до аудиовизуелни медиумски услуги за лицата со попреченост. Искуства од продуцирањето и обезбедување програма на знаковен јазик за лицата со оштетен слух, споделија националната ТВ 24 Вести и регионалната ТВ М од Охрид. Како што посочија, главен предизвик и понатаму останува финансискиот аспект на обезбедувањето ваков вид програма, но главни придобивки се зголемувањето на гледаноста на пристапните програми и остварувањето на човековите права на лицата со сетилна попреченост.

Eкспертката Кевин направи и споредбен приказ и на улогата на регулаторните тела за медиуми во овој процес, додека Сашо Богдановски од македонската Агенција, потсети на дел од наодите од истражувањето за потребите и согледувањата на лицата со оштетен вид и слух за овој вид програми.

На крајот од настанот, се водеше дискусија за Нацрт-саморегулацискиот документ за пристапност на аудиовизуелните медиумски програми, преку кој давателите на аудиовизуелни услуги во земјава ќе се договорат за начинот на кој, согласно барањата од Директивата за АВМУ, постојано и постепено ќе ги направат своите програми пристапни за лицата со попреченост. Се разгледуваше прашањето во кој временски период да се постигне разновидност на вакви програми и кај приватните медиуми и кај Јавниот сервис, притоа земајќи ги предвид мислењата и потребите на лицата со сетилна попреченост. Сите забелешки кои произлегоа од работилницата ќе бидат вградени во Нацрт-документот кој ќе биде презентиран на нареден работен состанок.

 

Презентации од работилницата се достапни на следните линкови:

Accessibility: Right and obligations

Key elements of European regulation and policies

Role of the Regulator

Challenges and opportunities

Диардре Кевин, Совет на Европа

Потребите на луѓето со оштетен слух и вид – наоди од истражувањето на АВМУ

м-р Сашо Богдановски, Сектор за програмски работи на АВМУ



Accessibility

Accessibility