KОМУНИКАЦИЈАТА СО МЕДИУМИТЕ ДА БИДЕ ОТВОРЕНА И ДВОНАСОЧНА

image_pdfimage_print

Скопје, 21 април 2020 – Во врска со реакциите на медиумските работници на начинот на комуникација и степенот на транспaрентност на владините институции и здравствените центри, Агенцијата апелира Владата и другите надлежни институции да ја унапредат комуникацијата со новинарите така што таа ќе биде отворена и двонасочна.

Во вонредна состојба исклучително е важно да им биде овозможено на новинарите професионално да ја извршуваат својата работа и да им биде даден простор за потпрашања на добиените одговори. Само така нема да биде загрозена слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, односно пристапот до објективни, навремени и сеопфатни информации. Воедно, Агенцијата смета дека надлежните органи и институции треба да избегнуваат да користат комуниколошки облици кои според форматот наликуваат на медиумски информативни емисии, како што беше неодамнешниот пример.

Истовремено, повторно потсетуваме дека e неопходно на сите медиуми без исклучок, вклучувајќи ги и онлајн медиумите кои не се во Регистарот на професионални онлајн медиуми на СЕММ и ЗНМ, да им биде обезбеден еднаков пристап за известување, а медиумите да ги почитуваат професионалните стандарди и принципи, особено кога станува збор за информации од висок степен на јавен интерес.

Во контекст на професионално и безбедно извршување на задачите, Агенцијата апелира да се вложат максимални напори за обезбедување на заштита и безбедност на медиумските работници.



Accessibility

Accessibility