РОДОТ ВО ДЕТСКИТЕ ТВ ЕМИСИИ: БЕЗ КОНЦЕПТ, НО СО СТЕРЕОТИПИ

image_pdfimage_print

Скопје, 24.04.2020 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави годишното истражување за родот во медиумите, во кое за првпат во државава се прави квантитативна и квалитативна анализа на третманот на родот во емисиите за деца. Опфатени се 520 емисии за деца, од домашно и странско производство, емитувани од 15 септември до 15 октомври 2019 година, на седум национални терестријални телевизии: МРТ1 и МРТ2 – Програма на албански јазик, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма и ТВ Алсат М. Родовата анализа е спроведена врз 4.553 лика од кои 2.657 се женски, 1.842 се машки, а преостанатите немаа родови маркери (на пример животни).

Генерално, студијата покажува дека повеќето телевизии немаат јасно осмислен концепт за тоа на кој начин и преку кои програми им се обраќаат на децата и не водат сметка за тоа, својата идна публика да ја култивираат од мали нозе.

Ваквиот недостиг од концепција, се потврдува и во прикажувањето на родовите улоги. Во играните програми од домашно производство, предоминираат серии во кои се имитираат патријархалните сфаќања за родовите улоги на општествата од 19 век, а притоа недостигаат емисии со современи гледишта во кои родовите прашања се третираат од либерална позиција. Од друга страна, играните програми од странска продукција се преземаат без да се има предвид дали се тие дел од некаква франшиза (продажба на кукли, видео игри, детска школска опрема и други производи) со што кај децата се развива конзумеризмот. Овие емисии изобилуваат со тешко достижни идеализирани прикази на женските и машките тела.

Студијата, која за потребите на Агенцијата ја изработи Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС, нуди и показатели за родовите аспекти во музичките, разговорните и мешаните емисии за деца, како и конкретни препораки за Јавниот сервис и за приватните телевизии. Повеќе информации на следните линкови:

Акценти од истражувањето за родовите 2019

Родот во медиумите 2019: Анализа на родовите аспекти во програмите за деца на националните терестријални телевизии



Accessibility

Accessibility