ОДГОВОР НА ОБЈАВЕНА ИНФОРМАЦИЈА ВО ВЕСТИ НА ТВ ТЕЛМА

image_pdfimage_print

Скопје, 22 јули 2020 – Имајќи ја предвид потребата да бидат презентирани сите факти, а не само ставот на ТВ Телма по повод жалбата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги против пресудата за прекршување на изборниот молк, изнесен во нејзината реакција во вестите во 18.30 часот, ја известуваме јавноста за следново:

Во време на изборен процес, основната надлежност на Агенцијата е доследно спроведување на Изборниот законик во делот на изборното медиумско претставување, што значи, Агенцијата редовно го следи известувањето на медиумите и доколку констатира прекршувања покренува прекршочни постапки. Со тоа Агенцијата не се става во улога на уредник на медиумите, напротив, тоа се обврските на регулаторот.

Како што образложи и во својата жалба поднесена до Апелационен суд, неспорно е правото на јавноста да биде информирана за состојбата со коронавирусот и активностите на здравствените власти, меѓутоа, без притоа да биде прекршен изборниот молк. Согласно Изборниот законик, за време на изборен молк не смеат да се емитуваат изјави од носители на функции во органите на власта и информацијата наместо од министерот кој воедно активно учестуваше во кампањата на Коалицијата „Можеме“ на средби со граѓани и во рекламни спотови, можела да биде пренесена на друг соодветен начин кој би бил во согласност со одредбите на Изборниот законик, како што тоа го направија другите радиодифузери.

Со посочувањето дека Агенцијата го квалификува настанот каде се појавува министерот Венко Филипче како „’измислен’ и им сугерира на медиумите настанот да го емитуваат по изборите“ јавноста се доведува во заблуда. Телевизијата презентираше делумна информација со што ги изврти фактите. Имено, во записникот чии извадоци објави Телма посочена е изјавата на директорот дека за време на изборниот молк, Телма можела да извести „за бројот на новозаразени, починати и оздравени од коронавирусот без притоа да го даваат тонски и со слика министерот Филипче“, додека по изборниот молк можел да се емитува делот од информацијата за отварањето на регионални КОВИД-центри најавени од септември.

Воедно, јавноста се доведува во заблуда и со цитирање на извештајот на ОБСЕ, особено затоа што на ТВ Телма и е многу добро познато дека баланс во известувањето за време на капања и изборен молк не се синоними. Сепак, во одбрана на својот прекршок Телма го направи изедначувањето, притоа изоставувајќи дека во истиот Извештај е нотирано прекршување на изборниот молк и кај радиодифузери.
Инаку, истата оваа институција редовно позитивно ја оценува работата на регулаторот, па така и во последниот извештај не се нотирани забелешки за Агенцијата.



Accessibility

Accessibility