Предвремени локални избори 2020: Резултати од мониторинг

image_pdfimage_print

Скопје, 23 декември 2020  – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од мониторингот на радиодифузерите за Предвремените избори за градоначалници на општините Штип и Пласница, изготви два извештаи – едниот за мониторингот над изборното медиумско претставување, вториот за емитуваното платено политичко рекламирање за време на кампањата (21 ноември – 10 декември 2020г.).

Мониторингот над изборното медиумско претставување опфати 20 програмски сервиси, од кои 11 национални телевизии, Јавниот сервис (МРТ 1 и Собранискиот канал), 3 регионални (М Нет–ХД, Ирис и Стар), 2 локални телевизии (Ускана Медиа и Гурра), и 2 радија (Канал 77 и РФМ).

Специфика на овие избори беше недостатокот на информации за кандидатите за градоначалник на Пласница, поради нивна одлука, а не на медиумите. Мониторингот покажа дека кандидатите за градоначалник на Пласница не го искористиле ниту правото за бесплатно политичко претставување на Јавниот сервис. Во однос на кампањата водена во Штип, беше забележано дека токму во периодот на кампањата, многу претставници на Владата имаа посети на Источниот регион и нивната активност се преслика и во известувањето на медиумите од регионот во вестите и/или во посебните информативни емисии. Притоа, некои од нив отворено искажаа поддршка за кандидатот за градоначалник на Штип од СДСМ. Посебните информативни емисии беа повеќе застапени на регионалните телевизии, што е и за очекување имајќи предвид дека изборите се реализираа само во две општини.

Анализираните медиуми во основа постигнаа баланс во известувањето. Исклучок е ТВ Ирис каде доминантно најзастапен, со повеќе од половина од вкупното време за известување за изборите, беше кандидатот на СДСМ. На овој начин ТВ Ирис не обезбеди избалансираност во известувањето за изборната кампања во согласност со принципот за еднаквост на сите кандидати. Поради ова прекршување од Изборниот законик, Советот на Агенцијата на 46-та седница покрена прекршочна постапка против овој медиум.

Од 13 радиодифузери регистрирани во ДИК, вкупно 8 емитуваа ППР, од кои 7 ТВ и 1 радио. За време на изборната кампања не беше констатирано прекршување на правилата за емитување платено политичко рекламирање кај ниту еден медиум. Најмногу време беше закупено на двете регионални телевизии ТВ Стар и ТВ М-Нет ХД, на кои беа емитувани рекламни спотови од кандидатите за градоначалник на Општина Штип. Податоците во Извештајот се проверени и низ постапката на потврдување на извештаите за реализирани услуги доставени од радиодифузерите.

Извештаите од мониторингот на радиодифузерите се достапни на линковите:

Извештај од мониторингот на изборното медиумско претставување за Предвремените избори за градоначалник на Општина Пласница и Општина Штип 2020

Извештај за платено политичко рекламирање на радиодифузерите

 



Accessibility

Accessibility