Објавен Вториот извештај од мониторингот на медиумското известување за Локалните избори

image_pdfimage_print

Скопје, 1 октомври 2021 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го изготви Вториот извештај од мониторингот на медиумското известување за Локалните избори во периодот пред почетокот на изборната кампања (од 1 до 26 септември 2021 година). Во извештајот е анализирана 24-часовната програма на МРТ1 и на шест комерцијални телевизии на државно ниво – ТВ 24 Вести, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма.

Резултатите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик. Во предизборниот период кај МРТ1 не беа евидентирани дебатни соочувања на учесници во изборниот процес, кои Јавниот радиодифузен сервис е должен да ги организира според членот 76-а став 11 од Изборниот законик. Обврската за известување на знаковен јазик за лицата со оштетен слух, ја исполнија единствено МРТ1 и ТВ 24 Вести.

Темата за фаталниот пожар на модуларниот Ковид-центар во Тетово ги покри сите актуелни, внатрешнополитички и општествени теми од трагичниот 8 септември натаму. Сè повеќе информативни редакции се решија предизборниот период да го пополнат со интервјуа, медиумски скици на кандидатите за градоначалници, со апостроф врз дванаесетте партиски и независни опции за градоначалник на Скопје.

Голем дел од медиумската содржина беше преокупирана со повеќедеценискиот меѓупартиски ривалитет и новинарскиот осврт кон таа неконструктивна политизација на сите општествени сфери, ја релативизира, односно ја прави двосмислена дури и содржината на вестите и на извештаите.

Преовладувачки впечаток од мониторингот на медиумскиот пристап кон партиските или кон независните изборни опции, е дека темите кои логично се очекуваат во предизборниот период – урбанистичките и социјалните состојби, зафати и планови, отчетноста на локалните власти и, пред сè гласот на граѓанинот во однос на (не)квалитетот на постојните градски политики – го губат јавниот, медиумски примат, па и тие се проследуваат низ нагласено поларизирана партиска визура.

Поединечните извештаи за националните програмски сервиси кои беа предмет на мониторинг се содржани во Вториот извештај од медиумското известување за Локалните избори, достапен на следниот линк.



Accessibility

Accessibility