Извештај за медиумското известување во вториот круг од кампањата за Локалните избори 2021

image_pdfimage_print

Скопје, 5 ноември 2021 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го објави извештајот за начинот на известување на радиодифузерите во вториот круг од изборната кампања (од 18 септември до 29 октомври 2021 година). Со мониторингот беа опфатени вкупно 13 програмски сервиси – националните комерцијални телевизии Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител, Телма, 24 Вести, 21-М, Шења и Клан Македонија и програмските канали на Јавниот сервис – МРТ1, МРТ2, Собранискиот канал и Првата програма на Македонското радио (МРА1). Резултатите од мониторингот покажаа дека не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.

И во вториот круг од кампањата, во дневноинформативните емисии во втор план остана увидот во конкретната содржина на изборните програми за развој на општините, а низ извештаи, изјави и низ соопштенија приоритет ѝ се даде на гласноста на (пост) митингашките меѓупартиски дуели, доминантно олицетворени во јавните настапи на лидерите на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ, Беса и Коалицијата меѓу Алијансата на Албанците и Алтернатива.

Низ централниот ТВ-дневник на анализираните радиодифузери, известувањето за кандидатурата на градоначалниците, во најголем број случаи се сведе на изјави селектирани од платен, коалициски/партиски промотивен материјал, емитуван во одвоена рубрика, но без метод на соочување меѓу соперниците за власта во една општина.

Информативните редакции на Јавниот сервис – МРТ1, МРТ2 и МРА1 ги исполнија барањата од Изборниот законик за четириделна тематска поделба на своите централни дневноинформативни емисии, и тоа на тематски групи од по 30% – за власта, за опозицијата и за актуелни настани од државата и од светот, и 10% за независните кандидати и за активностите на вонпарламентарните партии.

Во однос на дебатите, националните радиодифузери главно беа заинтересирани за дуелите за градот Скопје и за скопските општини – Центар, Карпош и Чаир, како и за поголемите македонски општини – Битола, Куманово, Тетово, Кичево, Охрид и Гостивар, општини кои и низ дебатите на аналитичарите на македонската политичка сцена беа апострофирани како клучни за положбата на актуелната, коалициска извршна власт од СДСМ и од ДУИ.

Интервјуата и во вториот изборен круг се покажаа како редакциска резервна варијанта за приказ на политичката понуда, оти одредени радиодифузери повторно се соочуваа било со отворен бојкот било со други причини за избегнување на планираната дебата.

Информирање за лицата со сетилна попреченост единствено обезбедија МРТ 1 и ТВ 24 Вести.

Извештајот за начинот на известување на радиодифузерите во вториот круг на изборната кампања (од 18 септември до 29 октомври 2021 година) е достапен на линкот.



Accessibility

Accessibility