АНАЛИЗА НА ПАЗАРОТ НА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ ЗА 2021 ГОДИНА

image_pdfimage_print

Скопје, 31 август 2022 – За да се утврдат состојбите на пазарот на аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија за претходната година, Агенцијата изработи Анализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги 2021 година. При изработката на Анализата, за економското работење на радиодифузерите се користени податоците што тие самите ги доставија во Агенцијата, како и податоците од нивните завршни сметки, а за работењето на  јавниот сервис се користеа и податоци од „Финансискиот извештај за реализација на финансискиот план на ЈРП Македонска радио телевизија за 2021 година“.

Анализата покажа дека пандемијата со вирусот КОВИД-19, се одрази на работењето на телевизиите и радијата, но и дека индустријата полека закрепнува. Комерцијалните радиодифузери во 2021 година прикажале повисоки приходи во споредба со претходната година, за разлика од јавниот радиодифузен сервис кој располагал со помалку средства во споредба со 2020 година.

Вкупните приходи во индустријата во 2021 година изнесувале 2,644.83 милиони денари, што е највисок износ на вкупни приходи во последните пет години. Сепак, не може да се зборува за некаков раст на пазарот, бидејќи зголемувањето на приходите се должи на финансиската помош за справување со последиците од пандемијата со вирусот КОВИД-19 што државата ја издвои за комерцијалните медиуми и на платено политичко рекламирање (ППР) за време на локалните избори. Без изборите, приходите од рекламирање во 2021 година не ги достигнуваат оние од пред пандемијата.

Најголем дел од приходите од рекламирање оствариле комерцијалните телевизии – 87%, а 10% комерцијалните радиостаници. Уделот на МРТ во приходите од реклами изнесува само 3%.

Вкупните трошоци во индустријата изнесувале 2,571.19 милиони денари. Од нив, 56% се трошоци на комерцијалните телевизии, 38% на јавниот сервис и 6% на комерцијалните радиостаници. Во споредба со минатата година, повеќе средства потрошиле и комерцијалните радиодифузери и јавниот сервис.

Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2021 година е достапна на линкот.



Accessibility

Accessibility