Родот и медиумите

image_pdfimage_print
============================================================================================================================
Согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите од 2012 година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, изготвува годишни анализи на третманот што го добиваат родовите прашања во дневно – информативните емисии и на начинот на кој жените и мажите се претставени во програмите на националните телевизиски сервиси во Република Северна Македонија. Согласно истиот закон, Агенцијата еднаш годишно поднесува извештај до Собранието на Република Северна Македонија за начинот на прикажување и претставување на жените и на мажите, како и за родовите прашања во програмските концепти и содржини на радиодифузерите.

Од 2013 година, наваму, Агенцијата, на родовите прашања посветува особено внимание. На 11-ти ноември 2013 година, одржана е јавна седница посветена на родот и медиумите. Еден месец подоцна, одржана е работилница за зајакнување на капацитетите на медиумските професионалци за прашањата на родовата еднаквост.

Во 2014 година, одржана е дебата  „Критичко разбирање на медиумите – род, млади, медиумска писменост“.

Вообичаено, Агенцијата, јавно ги презентира резултатите од спроведените годишни анализи за родовите прашања.

Родот во програмите за деца во фокусот на јавниот состанок на АВМУ – 30.06.2020 

Родовите прашања во медиумите во фокусот на четвртиот јавен состанок на АВМУ – 25.12.2019

============================================================================================================================

Кампања на Министерството за труд и социјална политика за подигање на свеста против родовозаснованото насилство „Со тебе сме – заедно против насилството врз жените и девојчињата“

 

Видео – Емра Куртишова

Видео – Генци Мирзо

 

Видео – Игор Ангелов

Видео – Наталија Теодосиева 

Видео – Сања Арсовска

Видео „Со тебе сме – заедно против насилството врз жените и девојчињата“

============================================================================================================================

Родот во детските емисии на приватните ТВ

ВИДЕО

Родот во детските емисии на Јавниот сервис

ВИДЕО

Зошто родот е важен аспект на медиумската писменост?

Жените во медиумите

ВИДЕО

Зошто родот е важен аспект на медиумската писменост?

Жените во политиката

ВИДEO

Објавена публикацијата Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии

За потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Институтот Ресис во 2022 година ја изработи анализата „Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“. Во неа се дадени одговори за квантитативните и за квалитативните аспекти на известувањето за спортот. Квантитативниот аспект покажува колку радиодифузерите известуваат за спортистките/спортовите во женска конкуренција, а колку за спортистите/спортовите во машка конкуренција. Квалитативниот аспект пак покажува на кој начин известуваат за спортистките, а на кој начин за спортистите.

Анализата е објавена во форма на публикација на македонски јазик и истата е достапна на следниот линк: „Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“.

============================================================================================================================

Одржана работилница за Родово заснованото насилство и професионалните стандарди за новинарско известување

Скопје – 09.06.2022г. – Во организација на  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а во соработка со Коалицијата Маргини и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство денеска во просториите на Агенцијата се одржа работилница на тема „Родово заснованото насилство и професионалните стандарди за новинарско известување“.

Во своето поздравно обраќање директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски се осврна на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Инстанбулската конвенција. Денешната работилница се реализира како обврска на регулаторот согласно Акцискиот план за нејзино спроведување. Повеќе информации на линкот.

============================================================================================================================

Родот во спортската ТВ програма во фокусот на првиот јавен состанок на АВМУ

 Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на 28 март го одржа првиот јавен состанок за 2022 година на кој беа презентирани и наодите од Анализата „Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“, со која за прв пат се дава квантитативен и квалитативен увид во тоа колку и како известуваат националните телевизии за спортистките и спортовите во женска конкуренција, наспроти спортистите и спортовите во машка конкуренција. Повеќе информации на линкот.

============================================================================================================================

Одржана онлајн дебата за медиумска писменост на АВМУ и Ресис

Скопје, 30 ноември 2021 – Во рамки на Деновите на медиумска писменост 2021, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Институтот Ресис вчера одржаа онлајн дебата на тема „Анализа на родовите аспекти во ТВ програмите за деца: Градиме ли критичка свесност кај децата?”. Дискусијата опфати повеќе сегменти, од тоа какво е психолошкото влијание на програмите за деца врз нивниот раст и развој, до начинот на кој треба да се креираат политиките и програмите на медиумите наменети за децата.

Давајќи вовед во дебатата д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата, посочи оти наодите покажале дека Јавниот сервис води планирана и осмислена програмска политика во однос на детската популација, но оваа констатација многу повеќе важи за МРТ1, отколку за МРТ2. Во однос на програмите на комерцијалните телевизии наодите покажуваат дека не постои осмислен и внимателен уредувачки пристап во изборот на емисии наменети за различни возрасни сегменти на малолетната публика. Повеќе информации на линкот.

============================================================================================================================

Онлајн настан „Родово заснованото насилство во медиумите: состојба, насоки, мониторинг“

На 11 ноември 2021 година се одржа онлајн настанот „Родово заснованото насилство во медиумите: состојба, насоки, мониторинг“, којшто беше заеднички реализиран од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Коалиција Маргини и ХОПС – опции за здрав живот, а со поддршка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје (во рамки на ЈУФРЕКС 2 проектот). Со оглед на фактот дека во текот на 2021 година, од различни чинители беа изработени и објавени повеќе документи кои се однесуваа на родово заснованото насилство (РЗН) и известувањето на медиумите, Агенцијата иницираше посебен онлајн настан којшто беше замислен и реализиран како можност сите заинтересиран чинители – медиумски работиници, вработени во АВМУ, претставници на Советот за етика во медиумите (СЕММ), на државни институции, како и на низа граѓански организации да се запознаат со прашањето на известувањето за родово заснованото насилство од повеќе аспекти. Повеќе информации на линкот.

============================================================================================================================

Усвоен Водич на АВМУ за мониторинг на примената на стандардите за известување во случаи на родово засновано насилство во медиумите

Скопје, 9 ноември 2021 – На денешната 32 седница, Советот на Агенцијата го усвои Водичот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за мониторинг на примената на стандардите за известување во случаи на родово засновано насилство во медиумите. Документот е подготвен од експертка ангажирана од Советот на Европа во рамки на проектот “Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“– ЈУФРЕКС 2, спроведуван од Советот на Европа и Европската Унија.

Водичот меѓу другото има за цел да им ги обезбеди на медиумите и на сите заинтересирани чинители, информациите потребни за да го согледаат прашањето за известувањето за родово засновано насилство во целина, поради што прави пресек на состојбата на овој план во земјава, го објаснува значењето и на регулацијата и на саморегулацијата, дава преглед на најважните меѓународни документи и на домашната регислатива, посочува добри практики што треба да се следат во известувањето и обезбедува серија од прашања во однос на кои, при надзорот треба да се анализира прилогот/програмата за која постои сомнеж дека не ги следи стандардите за случаите со родово засновано насилство.

============================================================================================================================

Родот во изборната кампања 2020, во фокусот на првиот јавен состанок на АВМУ

Скопје, 25 март 2021 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска одржа јавен состанок, кој поради состојбата со корона вирусот, се реализираше преку видео конференциска врска. На состанокот, директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените истражувања, активностите на полето на меѓународната соработка. Повеќе…

============================================================================================================================

Онлајн работилницата за АВМУ и СЕММ за регулација, саморегулација и мониторинг на примената на стандардите за известување во случаите на родовобазирано насилство во медиумите

На 4 декември 2020 година во Скопје, во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“,  се одржа онлајн работилница за регулаторното тело за медиуми – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и саморегулаторното тело – Совет за етика во медиумите во Македонија.

На состанокот учесниците/чките дискутираа за клучните факти и предизвици во врска со регулирањето, саморегулирањето и мониторингот на примената на стандарди за известување на медиумите за случаи на родово-базирано насилство. Повеќе информации на линкот.

============================================================================================================================

Објавена публикацијата Родот во изборната кампања 2020: Анализа на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и на мажите во изборното медиумско претставување на националните телевизии

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги еднаш годишно изготвува анализи за застапеноста на родовите прашања во медиумите и за начинот на претставување и прикажување на жените и на мажите во програмските концепти и содржините на радиодифузерите. Во таа насока е спроведена и оваа анализа, која е објавена во форма на публикација и која има за цел да анализира како се третирани родовите прашања во известувањето за време на изборната кампања во медиумите и како се претставени жените и мажите во програмските содржини за време на изборната кампања. Публикацијата Родот во изборната кампања 2020 нуди и пакет заклучоци и препораки за подобрување на моменталната состојба со цел унапредување на родовата еднаквост во медиумите.

Од Анализата на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и на мажите во изборното медиумско претставување на националните телевизии е направено и кратко резиме кое е достапно на македонски, англиски и албански јазик.

============================================================================================================================

Објавена публикацијата „Анализа на родовата структура на платите во радиодифузијата за 2019 година“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е сериозно посветена на прашањето за воведување на родот во главните медиумски токови и постојано настојува да обезбеди релевантни податоци за состојбата со родот во медиумите кои потоа можат да се користат и при градење на политиките на државата, но и при формулирањето на уредувачките политики. Покрај редовните анализи на родовата структура на вработените во радиодифузијата, Агенцијата за прв пат изработи Анализа на родовата структура на платите во радиодифузијата за 2019 година, која е објавена во форма на публикација на македонски, албански и англиски јазик. Анализата на платите на вработените во радиодифузијата, со посебен осврт на родовата структура, не вклучува податоци за степенот на образование, ниту пак за етничката припадност на вработените во медиумите.

 

============================================================================================================================

Издадена публикацијата „Родот во телевизиите и радијата: Кој ги носи одлуките, а кој ги спроведува?“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја објави публикацијата Родот во телевизиите и радијата: Кој ги носи одлуките, а кој ги спроведува?, која ја опфаќа родовата структура на сопственоста и на вработените во радијата и телевизиите. Анализата нуди податоци за сопственоста кај телевизиите и радијата за 2019 година, како и податоци за структурата на вработените кај телевизиите и радијата за 2018 година, вклучувајќи споредбени податоци со другите години. 

 

 

============================================================================================================================

Објавена публикацијата „Анализа на родовите аспекти во програмите за деца на националните терестријални телевизии“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави годишното истражување за родот во медиумите, во кое за првпат во државава се прави квантитативна и квалитативна анализа на третманот на родот во емисиите за деца. Опфатени се 520 емисии за деца, од домашно и странско производство, емитувани од 15 септември до 15 октомври 2019 година, на седум национални терестријални телевизии: МРТ1 и МРТ2 – Програма на албански јазик, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма и ТВ Алсат М. Родовата анализа е спроведена врз 4.553 лика од кои 2.657 се женски, 1.842 се машки, а преостанатите немаа родови маркери (на пример животни).

 

============================================================================================================================

Издадена публикацијата „Родот на ТВ во 2018: Зад екранот и на него“

Во 2019 година, Агенцијата ја издаде публикацијата Родот на ТВ во 2018: Зад екранот и на него, која говори за состојбата со учеството на жените и мажите зад екранот и тоа на сите нивоа, од сопствениците до помошниот кадар, како и за резултатите од анализата на ТВ програмата на првиот и вториот канал на Јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните терестријални телевизии на државно ниво, од аспект на присуството и третманот на родово релевантните теми и од аспект на прикажувањето и претставувањето на мажите и жените.

Публикацијата е издадена на македонски, албански и англиски јазик.

============================================================================================================================

Промовирани публикации кои ги издаде Агенцијата а се однесуваат на родот во ТВ програмите

На 28 март, во рамки на првиот јавен состанок за 2018 година, Агенцијата промовираше публикации кои се однесуваат на родовите прашања во ТВ програмите. Збирнaта публикација со годишни истражувања кои говорат за присуството и претставувањето на родовите во програмите на националните телевизии во период од 2012-2016 година, е издадена на македонски, албански и англиски јазик. Публикацијата содржи пет истражувања и една мета-анализа која ги покажува трендовите во поглед на родот и медиумите.

На настанот беше промовирана и публикацијата за родот во телевизиските програми во 2017 година, која се состои од две анализи од кои едната покажува дали, колку и на каков начин се присутни родовите прашања, а другата ја дава сликата за начинот на кој се претставени и прикажани родовите во програмите. Анализите во оваа публикација, исто така, се на македонски, албански и англиски јазик.

 

============================================================================================================================

Нова алатка за родовата еднаквост во медиумите

  Во рамките на настојувањето на медиумските професионалци и на другите заинтересирани чинители континуирано да им обезбедува алатки за подигнување на свеста за улогата на медиумите во постигнувањето еднаквост меѓу жените и мажите, Агенцијата ја преведе Препораката за родова еднаквост во аудиовизуелниот сектор што Советот на Европа ја усвои во септември 2017 година.

Препораката CM/Rec(2017)9 од Комитетот на министри до земјите-членки  за родова еднаквост во аудиовизуелниот сектор е достапна на следниот линк.

 

===========================================================================================================================

Активности на Агенцијата поврзани со родот во медиумите

Поплаки и претставки во врска со родовата еднаквост

Анализи за родот во телевизиските програми

Анализа на родовата структура на платите во радиодифузијата за 2019 година

Анализи на структура на вработените во аудио и аудиовизуелната индустрија

Релевантни европски документи

Извештаи од координаторот за еднакви можности

Оперативен план за 2023 година за спроведување на националниот план за акција за родова еднаквост 2022-2026

Оперативен план за 2023 година за реалисирање на акцискиот план за спроведување на конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023

Оперативен план за 2022 година за реализирање на акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023

Оперативен план за 2021 година за реализирање на акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023

Оперативен план за 2020 година за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство 2018-2023

Оперативен план за 2020 година за спроведување на Националниот план за акција за родова еднаквост 2018-2020

Оперативен план за 2019 година за спроведување на Националниот план за акција за родова еднаквост 2018-2020

Оперативен план за спроведување на Националниот план за акција за родова еднаквост 2018-2020

 

 

 



Accessibility

Accessibility