17.02.2010г. СРД го засилува мониторингот на интерактивните телевизиски квизови со посебна телефонска тарифа заради минимизирање на опасноста од можни измами….

СКОПЈЕ, 17 февруари 2010 – Поради постојаните поплаки од граѓаните во однос на телевизиските интерактивни квизови, коишто вклучуваат и телефонски услуги со посебна тарифа, Советот за радиодифузија (СРД) им упати укажување на телевизиските станици да ги почитуваат законските и подзаконските акти што ги регулираат овие медиумски содржини заради минимизирање на опасноста од можни измами.

Според Правилникот на СРД за користење телефонски услуги со посебна тарифа, ваквите емисии треба да се емитуваат во периодот меѓу 17:00 и 05:00 часот. Притоа медиумите мораат да обезбедат јасен и прегледен опис на услугата и видливо и јасно да назначат дали цената на чинење на услугата е од повик или од минута разговор.

„Целта ни е да им излеземе во пресрет на граѓаните и да ги заштитиме од можни измами. Меѓу останатото, медиумите ќе мораат најмалку двапати во текот на програмата детално да ги објаснат правилата за игра или за учество во програмата за граѓаните да можат да знаат дали секое јавување што ќе биде тарифирано, ќе биде вклучено во програмата или не. Исто така, медиумите се должни да обезбедат во овие програми да не учествуваат малолетници.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.

Покрај ова, медиумите се должни со истата големина на фонтот со кој е наведен телефонот да го наведат и неговото чинење со вклучен ДДВ, да стават на знаење дали повикот се тарифира и кога повикот сигнализира зафатена линија.

СРД заедно со Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе врши засилен мониторинг на ваквиот вид телевизиски емисии. За прекршителите мерки ќе изрекуваат СРД и АЕК согласно Законот за радиодифузната дејност односно Законот за електронските комуникации.



Accessibility

Accessibility