СКОПЈЕ, 04.05.2010 – Медиа систем (Media System GmbH) од Виена, како застапник на преносот на правата за реемитување на телевизиските програмски сервиси на РТВ Пинк, познати под имињата Пинк Плус, Пинк Музика и Пинк Фолк за подрачјето на Република Македонија,
на 30 април оваа година, го извести Советот за радиодифузија (СРД) дека поради неисполнување на договорните обврски, ги раскинал договорите за реемитување со 35 кабелски оператори од Република Македонија.
Во известувањето се поединечно наведени сите кабелски оператори на кои се однесува раскинувањето на договорите, а кон него се приложени отказните писма упатени до секој од нив. Според застапникот на Медиа систем од Виена, секое натамошно реемитување на овие програми од страна на наведените оператори, ќе се смета за акт на пиратерија и кршење на Законот за авторското право и сродните права и Законот за радиодифузната дејност на Република Македонија.
Затоа СРД ги предупреди кабелските оператори на кои им се раскинати договорите со РТВ Пинк веднаш да престанат со рееемитување на неговите телевизиски програмски сервиси Пинк Плус, Пинк Музика и Пинк Фолк. СРД во текот на следните денови, ќе спроведе засилен мониторинг и онаму каде што ќе констатира непочитување на член 109 од Законот за радиодифузната дејност, ќе издаде налози за исклучување на овие телевизиски програмски сервиси на РТВ Пинк, а во случај на нивно непочитување, ќе покрене прекршочни постапки.