1

28.09.2010г. Советот за радиодифузија им укажа на медиумите да внимаваат на заштитата на децата и на човековото достоинство во политичкото рекламирање…

СКОПЈЕ, 28.09.2010 – Советот за радиодифузија (СРД) од спроведениот мониторинг на телевизиските програми констатираше, дека во последно време на повеќе телевизии постојано се емитува платено политичко рекламирање.

Во некои од политичките спотови се појавуваат снимки од деца, во некои не се води сметка за човековото достоинство ниту на живите ниту на починатите лица, а на некои не е означен нарачателот, што може да ја доведе јавноста во заблуда.

Во таа насока денеска СРД им упати укажување на медиумите за почитување на законските правила за рекламирање: „Иако емитувањето политичко рекламирање надвор од изборен период не е забрането, тоа подразбира почитување на правилата за рекламирање од Законот за радиодифузната дејност. Во таа смисла, Советот им укажа на медиумите дека во политичките спотови не смеат да се користат малолетници, а политичкото рекламирање не смее да го загрозува човековото достоинство.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.

Исто така, иако не е утврдено со Законот, нарачателот на политичкото рекламирање, и надвор од период на изборна кампања, треба да биде јасно означен, со цел да не се заведува јавноста, односно таа да може целосно да го искористи своето право на слободно формирање мислење.

Заштитата на малолетниците и заштитата на човечкото достоинство Законот за радиодифузната дејност ги регулира во членовите 88 и 89.