Одржана работилница во врска со „говорот на омраза“…

 

Скопје, 24 септември 2014 – Работилницата посветена на „говорот на омраза“ во медиумите претставува една од низата активности што Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, самостојно или во соработка со други, ги посвети на ова прашање.

Како што истакна в.д. Директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, активностите на Агенцијата по прашањето на „говорот на омраза“ произлегуваат од фактот што истражувањата кои беа консултирани при подготовката на Стратегијата за развој на радиодифузната дејност 2013 – 2017 година, покажаа оти кај медиумските професионалци во Република Македонија се појавуваат дилеми околу тоа како да известат за некој настан, а притоа да не завлезат во дискриминација или во говор на омраза. Поради тоа, како активности за надминување на дилемите Стратегијата препорачува обуки – каква што е денешнава, како и изработка на акт кој ќе им помогне на медиумските професионалци да се движат во правилна насока и да известат без да ги прекршат програмските принципи за заштита на човековите права и Законот.

Целта на оваа работилница е да се подигне свеста кај сите чинители за потребата од изнаоѓање баланс меѓу уставно загарантираната слобода на изразување и нејзиното наличје – „говорот на омраза“. За таа цел, експертката по медиумско право м-р Јелена Сурчулија Милојевиќ, која е ангажирана во рамките на Проектот ИПА 2009, ги претстави условите во кои слободата на изразување може да се ограничи токму поради тоа што преминува во „говор на омраза“. Во таа смисла, таа направи преглед на пошироката европска регулаторна рамка и постапувањето на другите регулатори, ставајќи ја во тој контекст македонската регулатива. Почетната точка е членот 10 од Европската конвенција за човекови права, по која постапува Европскиот суд за човекови права, а на чија судска практика упатува и членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Како што потенцира м-р Сурчулија Милојевиќ, до ограничување на слободата на изразување може да дојде доколку тоа е пропишано со закон, доколку има легитимна цел и доколку е неопходно во едно демократско општество, илустрирајќи го тоа со некои од најзначајните пресуди на Европскиот суд за човекови права во однос на членот 10 од Конвенцијата.

Ова е втора ваква активност – минатиот петок се одржа работилница во Агенцијата каде целна публика беа вработените во Стручната служба на регулаторното тело, а денешнава им е посветена првенствено на радиодифузерите и на членовите на Советот на Агенцијата.

„Говорот на омраза“ ќе биде тема и на работилницата што, во текот на октомври, ќе биде организирана во соработка со Советот на Европа.



Accessibility

Accessibility