Скопје, 26.09.2014г. Одржана регионална конференција „Транспарентност на медиумската сопственост и спречување на медиумска концентрација“…

image_pdfimage_print

 

На 25 и 26 септември 2014 година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во рамките на проектот „Унапредување на слободата на изразување и информирање и на слободата на медиумите во Југоисточна Европа“, во соработка со Советот на Европа, организираше регионална конференција „Транспарентност на медиумската сопственост и спречување на медиумска концентрација“.

Конференцијата ја отвори Марта Арсовска Томовска, заменик-министер за информатичко општество и администрација, која во својот воведен збор истакна оти нема дилеми дека медиумите и нивната улога во демократските процеси во општеството, треба сериозно да бидат сфатени. Прекумерната концентрација на сопственоста може да доведе до стеснување на јавниот дискурс, односно поради определени политички или бизнис интереси на сопствениците, одредени гледишта да бидатсосема исклучени или помалку претставени во медиумите.

 

В. д директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, нагласи дека во изминатите неколку години со особена важност им се пристапува на прашањата за транспарентноста на медиумската сопственост и спречувањето на недозволената медиумска концентрација и дека оваа конференција е одлична можност, преку размена на искуства да се надминат потешкотиите и да се изнајдат подобри и поефикасни начини за обезбедување транспарентност на медиумската сопственост и за спречување на недозволена медиумска концентрација.

Правната рамка и досегашната пракса во обезбедувањето транспарентност на медиумската сопственост и спречување на медиумска концентрација во земјите од Југоисточна Европа во своите земји, накратко ја презентираа претставниците од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово. За праксата во работењето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во врска со овие прашања и состојбите во Македонија говореше раководителот на Секторот за истражување и развој на Агенцијата, м-р Магдалена Давидовска – Довлева.

Предизвиците во новото медиумско опкружување и отворените прашања во врска со транспарентноста на медиумската сопственост и спречувањето медиумска концентрација ги посочи Жан Франсоа Фернемо, поранешен претседател на ЕПРА и поранешен генерален директор на белгиското регулаторно тело. За искуствата и практиките од спроведувањето на мерки за спречување на концентрација и мерки за заштита на конкуренцијата на медиумските пазари говореа Бернд Малцанини од германската Комисија за медиумска концентрација и Дамир Хајдук, заменик претседател на Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска. За медиумската сопственост и медиумската концентрација – регулаторни предизвици, искуства и практики презентација имаше Пеги Валцке, професор по право на Правниот факултет во Лувен. Заклучоците и препораките засновани врз истражувањето спроведено од Медиумската опсерваторија за ЈИЕ за медиумската сопственост и нејзиното влијание врз интегритетот на медиумите и новинарството ги претстави Билјана Петковска, директор на Македонскиот институт за медиуми.

 

На следниве линкови можат да се преземат презентациите од регионалната конференција:

– Транспарентност на медиумската сопственост и спречување на медиумска концентрација- Бернд Малцанини.

– Искуства и пракси од спроведување на мерки за спречување на концентрација и мерки за заштита на конкуренцијата на медиумските пазари: Хрватска – Дамир Хајдук.

– Несносливата леснотија на транспарентноста на медиумската сопственост- д-р Пеги Валцке.

– Правна рамка и досегашната пракса во врска со обезбедувањето транспарентност намедиумската сопственост и спречување на медиумска концентрација во РепубликаМакедонија–м-р Магдалена Давидовска Довлева



Accessibility

Accessibility