Претставки

Секој граѓанин или правен субјект до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги може да поднесе претставка/реакција, во однос на  содржините кои биле емитувани на радијата или телевизиите; програмските пакети на операторите и печатените медиуми (но не за содржината на отпечатените текстови туку само во поглед на објавување податоци за импресум, уредништво, јавност во работењето; заштита на малолетни лица).

Претставка може да биде поднесена и за работата на Агенцијата, доколку со некој акт или дејствие таа повредила нечии права и интереси.

Доколку е во рамките на нејзините надлежности, Агенцијата постапува по секоја поднесена претставка/реакција, дури и во случаите кога нема законска обврска за постапување (исклучок од Законот за постапување по претставки и предлози се иницијативите за вршење инспекциски или друг вид надзор и барањата од кои произлегува поведување постапка која е регулирана со посебен закон).

Со цел да појасни кој и за што може да поднесе претставка, што треба да содржи претставката и како таа се поднесува, начинот и роковите на постапување по поднесените обраќања, Агенцијата подготви кратка брошура “Поднесување претставка што треба да знам”.  Покрај брошурата, Агенцијата отпечати и леток „Поднесување претставка до Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, наменет за пошироката публика.

Во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите –PROformance Watch“, „Центарот за европски стратегии – Евротинк“ изработи едукативно видео за можноста граѓаните да поднесат претставка до Агенцијата.

Од неодамна, се објавуваат сите поднесени претставки/реакции и одговорите на Агенцијата.