Хроника од 22-та седница

image_pdfimage_print

СКОПЈЕ, 07.05.2013 – Советот за радиодифузија на Република Македонија, на денешната 22-ра седница ги усвои предложените дополнувања на Изборниот законик и Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Дополнувањата се однесуваат на следново: членови на Советот за радиодифузија и вработени во Стручната служба на Советот да не можат да бидат членови на избирачките одбори и за исполнување на  законските обврски на Советот за време на изборна кампања, финансиски средства во висина од 15 милиони денари да се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Овие средства ќе се исплаќаат на посебна сметка на Советот за радиодифузија и ќе бидат наменети исклучиво за финансирање на активностите на Советот за време на изборниот процес. Доколку одобрените средства се поголеми од реалните направени трошоци, Советот ќе биде должен остатокот од средствата да го врати на сметката на Буџетот на Република Македонија.

СРД ја усвои Информацијата во врска со упатени укажувања, спроведени постапки за порамнување и поведени прекршочни постапки кон радиодифузерите за време на Локалните избори во 2013 година. Советот  за радиодифузија за време на Локалните избори во 2013 година, поради повреда на Изборниот Законик и подзаконските акти донесени врз основа на истиот, кон радиодифузерите ги презеде следните активности:

–    За прекршување на Изборниот Законик и Правилникот за однесувањето на  радиодифузерите во периодот пред започнување на изборна кампања, кон радиодифузерите упатени се 25 (дваесет и пет) укажувања, а за прекршувања за време на изборна кампања, кон радиодифузерите упатени се 27 (дваесет и седум) укажувања и  спроведени се 33 (триесет и три) постапки за порамнување, од кои 20 (дваесет) постапки за порамнување завршија успешно и поведени се 13 (тринаесет) прекршочни постапки;

–   За прекршување на Изборниот Законик – необезбедување рамноправен пристап во изборното медиумско претставување за време на изборната кампања на сите учесници во изборниот процес, во согласност со Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања, поведени се 8 (осум) постапки за порамнување, кои се во тек.

СРД ја усвои Информацијата за службената посета на Комисијата од Советот за радиодифузија на ТРД ТОП ТВ ДООЕЛ од Берово. Со посетата беше констатирано дека наведениот радиодифузер престанал да емитува програма во декември 2012 година, дека радиодифузерот нема простории, односно дека ТРД ТОП ТВ ДООЕЛ Берово е иселен од просториите. Со оглед на утврдената фактичка состојба, Советот заклучи да иницира постапка за одземање на дозволата за вршење радиодифузна дејност на Трговското радиодифузно друштво ТОП ТВ ДООЕЛ од Берово.



Accessibility

Accessibility