СКОПЈЕ, 27.03.2013 – На денешната седница, Советот за радиодифузија (СРД) го усвои Извештајот од медиумското покривање на локалните избори 2013 во вестите за време на изборната кампања (4-24 март 2013).
СРД ги разгледа Извештаите од мониторингот на констатираните прекршувања во текот на изборната кампања за: ТВ Спектра, ТВ Далга КРТ, ТВ БТР, Радио Про Ф-М, ТВ Шутел, ТВ Коха, ТВ Еми, ТВ Нова, ТВ Амазон, ТВ Телма, Радио Зона М-1, Радио Канал 77, ТВ Сител, ТВ МТМ, Радио Ват, ТВ Ера, Македонско Радиo – програма на турски јазик, Македонско радио – Радио Скопје, МРТ2 – програма на турски јазик, Првиот програмски сервис на МТВ и заклучи да постапи на следниов начин:
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 22 став 1 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (надминување на лимити за платено политичко рекламирање на еден реален час) Советот ќе покрене прекршочна постапка за ТВ Спектра, ТВ Далга КРТ, ТВ БТР и Радио Про Ф-М. Прекршочна постапка ќе биде покрената и против главните и одговорни уредници на овие радиодифузери;
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 24 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (платеното политичко рекламирање треба да биде соодветно и видливо означено како „платено политичко рекламирање” во текот на целото времетраење на емитувањето и да биде јасно издвоено со најавна и одјавна шпица), Советот ќе упати укажување до: ТВ Шутел, ТВ Коха и ТВ Еми;
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 26 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (во сите облици платено политичко рекламирање нарачателот мора да биде јасно означен), Советот ќе упати укажување до: ТВ Нова – Гевгелија, ТВ Амазон, ТВ Телма и Радио Зона М-1;
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 27 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (платено политичко рекламирање не смее да се емитува во вести и други дневно-информативни програми, во детски, училишни и образовни програми, во директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани и во посебни информативни програми), Советот ќе покрене прекршочна постапка за РА Канал 77 и за ТВ Шутел“. Прекршочна постапка ќе биде покрената и против главните и одговорни уредници на овие радиодифузери.
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 29 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (посебните информативни програми не смеат да се користат како облик на платено политичко рекламирање), Советот ќе упати укажување до ТВ Шутел;
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 7 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (емитувани реклами финансирани од Буџетот на РМ), Советот ќе покрене прекршочна постапка за ТВ Сител 3 и ТВ МТМ. Прекршочна постапка ќе биде покрената и против главните и одговорни уредници на овие радиодифузери.
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 35 став 1 алинеи 2 и 3 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (за време на изборниот молк, радиодифузерите можат да известуваат и за неправилности и за евентуални инциденти, при што: можат да објавуваат само проверени информации од официјални извори; елементите од информациите на официјалните извори кои се сметаат за прекршување на изборниот молк како што е откривањето на идентитетот на политичките субјекти вклучени во инциденти, не смеат да ги објавуваат до затворањето на избирачките места; а кандидатите во изборниот процес, односно организаторите на изборна кампања, нивните набљудувачи и штабови, не се сметаат за официјални извори на информации), Советот ќе упати укажување до Радио Ват и ТВ Ера;
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 31 став 1 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (објавени се резултати од испитување на јавното мислење по законски дозволениот рок, во периодот од 5 дена пред денот определен за одржување на изборите), Советот ќе упати укажување до Радио Ват, Македонско Радио- програма на турски јазик, Македонско радио – Радио Скопје, МРТ2 – програма на турски јазик и Првиот програмски сервис на МТВ.
– за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 30 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (при објавување резултати од испитувања на јавното мислење не се обезбедени доволно информации врз основа на кои јавноста ќе може да ја процени веродостојноста на испитувањето), Советот ќе упати укажување до ТВ Сител и Македонско радио – Радио Скопје.
Советот за радиодифузија заклучи да ги издаде следниве потврди за регистрирани програмски пакети:
– на Друштвото за трговија и услуги ТОТАЛ ТВ, Потврда бр.9 со која регистрираниот програмски пакет како целина се дополнува со телевизискитe програмскии сервиси: B92 Info, Kopernikus, Cinemania, FTV, TV 1000, Viasat History, Viasat Explorer, Viasat Nature, Sport Klub Prime, Discovery ID, MTV Adria, Ultra, History Channel, Eurosport, Eurosport 2 и TV Atlas.
– на Македонски Телеком АД Скопје, Потврда бр.40 со која регистрираниот програмски пакет како целина се дополнува со телевизискитe програмскии сервиси: Euronews и Hustler TV.
Normal 0 false false false EN-US X-NONE X-NONE
СРД ја усвои Информацијата за неовластено реемитување на телевизискиот програмски сервис на PINK TV и заклучи на операторот на кабелска мрежа Пела дигитал да му се упати налог за исклучување на програмскиот сервис на PINK TV и за истото да се извести и Координативното тело за интелектуална сопственост при Владата на РМ.
СРД ја усвои Информацијата за ТРД Радио Ускана-Плус ДООЕЛ Кичево и ТРД Радио ПРО-ФМ ДООЕЛ од Гостивар, по иницирана постапка за одземање на дозволите за вршење радиодифузна дејност. Трговските радиодифузни друштва ТРД Радио Ускана-Плус ДООЕЛ Кичево и ТРД Радио ПРО-ФМ ДООЕЛ од Гостивар, во дополнителниот рок го платија пресметаниот надоместок за дозволите за вршење радиодифузна дејност, поради што се запира постапката за одземање на дозволите.