СКОПЈЕ, 05.04.2013 – На денешната седница, Советот за радиодифузија (СРД) ги разгледа Извештаите од мониторингот на програмата на: ТВ Гурра, емитувана на 22 март 2013г., ТВ Дибра, емитувана на 21 март 2013г., ТВ Кочани, емитувана на 21 март 2013 година, ТВ Нова, емитувана на 16 март 2013г., ТВ Сител 2, емитувана на 19, 20, 21 и 22 март 2013 г., и ТВ Сител, емитувана на 2 април 2013г. Против наведените радиодифузери, Советот ќе покрене прекршочна постапка за прекршување на член 75 став 3 од Изборниот законик и член 22 став 1 од Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања (надминување на лимити за платено политичко рекламирање на еден реален час). Прекршочна постапка ќе биде покрената и против нивните главни и одговорни уредници.
СРД ја усвои Информацијата за валидни и невалидни договори за реемитување на телевизискиот програмски сервис на France 24 и заклучи на операторите на јавни комуникациски мрежи Г-КТВ Струга, Г- КТВ подружницата во Желино, Канал 16 Ресен, Г-ОН Дебар и Мултимедија Нетворк Л – Гостивар да им упати налог за исклучување на France 24.
СРД ја разгледа Информацијата во врска со поднесени барања, изјави и приговори од радиодифузерите по повод поведени прекршочни постапки односно постапки за порамнувања од страна на Советот заради прекршувања на одредби од Изборниот законик и Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања во првиот изборен круг и заклучи да продолжи со иницираните прекршочните постапки против ТВ Амазон, ТВ БТР, ТВ АРТ, ТВ ВИЖН-БМ, Радио КАНАЛ 77 и ТВ Спектра.
СРД ја усвои Информација за ослободување од плаќање радиодифузна такса за семејните домаќинства со адреса на живеење на ул.”Јордан Јорданов”, Велес, и одлучи да и предложи на Владата на Република Македонија да ослободи од плаќање 20 (дваесет) семејни домаќинства кои не се покриени со радиодифузни сигнали, односно кои немаат квалитетен прием на ТВ програмите на МРТ и тоа на две третини од со закон утврдениот износ на радиодифузната такса. Ослободувањето од плаќање радиодифузна такса е со времетраење до 31 мај 2013 година.
Советот ја усвои Информација во врска со неисполнувањето на обврската на Трговското радиодифузно друштво ДИБРА ТВ ДООЕЛ – Дебар, за доставување Изјава за бројот на претплатници во зоната на покривање и заклучи, врз основа на податоците за бројот на претплатници добиени од Агенцијата за електронски комуникации да му издаде пресметки на ТРД ДИБРА ТВ ДООЕЛ -Дебар, за плаќање на надоместокот за дозволата за вршење радиодифузна дејност за следните периоди: 2011/2012 година, 2012/2013 година и 2013/2014 година. Доколку надоместокот за дозволата не биде платен во утврдениот рок во пресметката, Советот за радиодифузија ќе иницира постапка за одземање на дозволата за вршење радиодифузна дејност на ТРД ДИБРА ТВ ДООЕЛ – Дебар.