СКОПЈЕ, 31.05.2013 – Советот за радиодифузија (СРД) на денешната седница ги разгледа извештаите од мониторингот на програмските сервиси НАША ТВ, КАНАЛ 5 Плус, 24 ВЕСТИ, ТВ СИТЕЛ 3, ТВ СОНЦЕ и ТВ АЛФА, емитувани на 23.04.2013 година и заклучи да ги изрече следниве мерки:
– писмена опомена на ТВ Канал 5 Плус за прекршување на член 98 став 1 од Законот за радиодифузната дејност (емитување прикриено рекламирање);
-писмена опомена на ТВ Алфа за прекршување на член 93 став 3 од Законот за радиодифузната дејност (надминување на лимитите за рекламирање во текот на еден реален час);
-укажување на ТВ Сител за прекршување на член 99 став 1 алинеја 4 од Законот за радиодифузната дејност (непочитување на периодот од 20 минути меѓу два рекламни блока во програмите).
Во анализираниот ден, на програмските сервиси Наша ТВ, 24 ВЕСТИ и ТВ Сонце не се регистрирани прекршувања на Законот за радиодифузната дејност и на подзаконските акти.
СРД го усвои Планот за намена и распределба на преносни капацитети на дигитален терестријален мултиплекс (Пречистен текст).
СРД ја усвои Информација во врска со усогласувањето на радиодифузерите со одредбата содржана во член 11 од Законот за радиодифузната дејност по спроведените Локални избори 2013 година во РМ и заклучи до сите радиодифузери да достави допис, со кои ќе ги потсети дека своето работење се обврзани да го усогласат со одредбите содржани во членот 11 од Законот за радиодифузната дејност. Доколку радиодифузерите не постапат по наведеното задолжување, а Советот за радиодифузија утврди отстапување од член 11, а во врска со член 18 од Законот за радиодифузна дејност, согласно своите законски овластувања, ќе иницира постапка за одземање на дозволата за вршење на радиодифузна дејност.
СРД заклучи да му издаде одобрение за промена на сопственичката структура на ТРД РАДИО МЕРАК 5 ФМ Љупчо и Владимир ДОО Велес. Во врска со констатираната недозволена медиумска концентрација кај овој радиодифузер, Советот заклучи да му укаже на споменатиот радиодифузер во рок не подолг од три месеца од денот на утврдувањето на постоење недозволена медиумска концентрација, да го усогласи своето работење со одредбите од Законот за радиодифузната дејност.