Хроника од 49-та седница

СКОПЈЕ, 31.10.2012- На денешната седница, Советот за радиодифузија (СРД) усвои Нацрт- План за намена и распределба на капацитетите на дигиталните мултиплекси. Станува збор за претстојната дигитализација  на сигналот на комерцијалните телевизии кои што емитуваат програма терестријално (слободно/бесплатно достапна до сите граѓани. Понатаму, ќе се разгледува можноста за  спојување на две соседни зони и расчистување на состојбата со подзоната Скопје.

 

Во врска со промената на сопственичката структура на правното лице АЛФА СКОП ДОО, кое е основач на сателитската телевизија ТВ Алфа и регионалната телевизија ТВ Скопје, СРД одлучи да побара од ТРД Алфа ТВ ДООЕЛ од Скопје и од ТРД ТВ Скопје ДОО да достават документ за регистрација на правното лице ЦХС ДОО, Белград во соодветниот регистар на Република Србија. Доколку и ова правно лице е основано од друго правно лице, потребно е да се достави документ за регистрација во соодветниот регистар на земјата во која е регистрирано. Документите, на денот на доставување не треба да бидат постари од 7 дена и треба да бидат во оригинал и преведени на македонски јазик од овластен судски преведувач.

 

СРД ги разгледа извештаите од неделниот мониторинг на ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат – М и ТВ Сител, спроведен од аспект на почитување на форматот. ТВ Канал 5 и ТВ Сител се во рамките на форматот според дозволата за вршење радиодифузна дејност. Имено, ТВ Канал 5 е сервис со претежно забавен општ формат со следниов распоред на медиумски функции: 55.96% програми со забавна функција, 28.46% програми со информативна функција и 15,58% програми со образовна функција. Кај ТВ Сител, кој исто така е сервис со претежно забавен општ формат  е констатиран следниов распоред на медиумски функции: 62.79% програми со забавна функција, 14.96% програми со информативна функција и 22.25% програми со образовна функција. За разлика од овие две телевизии, ТВ Телма и ТВ Алсат М отстапуваат од форматот за којшто им е доделена дозволата за вршење радиодифузна дејност. Кај ТВ Телма која е со претежно забавен општ формат забавната функција е застапена со 68.93%, образовната со 17.57% и информативната со 13.50% , односно забавната функција го надминува максимално дозволениот лимит од 65%. ТВ Алсат М како сервис од општ формат во кој застапените видови програми ги остваруваат сите три медиумски функции, при што секоја од функциите треба да биде застапена со најмалку 30% отстапува од форматот бидејќи забавната функција е застапена со 42.62%, информативната со 27.48% и образовната со 29.9%.
Со оглед на констатираното отстапување на ТВ Телма и ТВ Алсат М, Советот за радиодифузија одлучи повторно да се спроведе мониторинг на неделната програма на овие две телевизии.

Во врска со емитувањето на филмот „Jackass 2” на 16 и 17 октомври 2012 година,  на програмата на ТВ Канал 5 Плус, СРД заклучи да се обрати до ТВ Канал 5 Плус со напомена дека филмот не е за јавно телевизиско прикажување  и дека треба да го усогласи работењето со Законот, односно  во иднина телевизијата да води сметка за содржините што планира да ги емитува, при креирањето на програмската шема.



Accessibility

Accessibility