26.02.2010г. СРД: Македонија во 2011 година ќе биде домаќин на состанокот на Европската платформа на регулаторни тела

СКОПЈЕ, 26 февруари 2010 – Советот за радиодифузија на Република Македонија (СРД) ќе биде домаќин на состанокот на Европската платформа на регулаторни тела (ЕПРА) од областа на електронските медиуми пролетта, 2011 година. Оваа одлука ја донесе Извршниот одбор на ЕПРА по разгледувањето на апликациите за организирање на овој состанок, што ги доставија регулаторните тела од повеќе европски земји.

„Во името на членовите на Советот за радиодифузија би сакал да го искажам моето задоволство во однос на довербата што ни ја дадоа европските регулаторни тела, токму ние да го организираме овој исклучително важен настан од областа на медиумската регулација. Ова е уште еден доказ дека СРД ужива голема почит кај нашите колеги од цела Европа. Воопшто не се сомневам дека овој состанок ќе го организираме на највисоко професионално ниво.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.

 

Европската платформа на регулаторните тела е непрофитно здружение на телата за регулација на електронските медиуми, во кое членуваат 52 регулаторни тела од цела Европа. Основана е 1995 година во Малта со седиште е во Стразбур, а постојани набљудувачи се Европската комисија и Советот на Европа. Оваа платформа е основа за дискусија за сите прашања и предизвици од сферата на радиодифузијата и служи како форум на кој се разменуваат и искуства и најдобри практики меѓу земјите-членки. СРД е член во ЕПРА од 1998 година и е примен со уставното име како „Совет за радиодифузија на Република Македонија“.

 

СРД на денешната седница одлучи веднаш да започнат подготовките за овој настан, во кои ќе бидат вклучени и други државни институции.

 

Повеќе информации за ЕПРА можете да најдете на: www.epra.org



Accessibility

Accessibility