03.05.2010г. СРД на сите медиуми им го честита Меѓународниот ден за слобода на медиумите

СКОПЈЕ, 03.05.2010 – Советот за радиодифузија (СРД) на сите медиуми им го честита Меѓународниот ден за слобода на медиумите. Членовите на СРД се едногласни, дека еден од носителите на демократските општества се независните и професионални медиуми, коишто поттикнуваат општествен дијалог, им се обраќаат на различните општествени групи и поттикнуваат општествена кохезија.

„Оценката на Фридом Хаус за состојбата со медиумите во Македонија нè потсетува дека треба сите ние: медиумските регулатори, сопствениците на медиуми и политичарите, да вложиме дополнителни напори за да им овозможиме на новинарите независно и објективно известување. Желбата за објективно и професионално вршење на новинарската работа  мора да биде поголема од сите политички или бизнис интереси. “ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.

СРД и во иднина ќе остане доследен на неговата задача – покрај спроведувањето на Законот за радиодифузна дејност – да продолжи да го поттикнува медиумскиот плурализам и да ги охрабрува медиумските професионалци во целост да го користат меѓународно загарантираното право на слободно медиумско изразување.



Accessibility

Accessibility