26.06.2010г. Кривични пријави против кабелските оператори кои нелегално го реемитуваат Светското фудбалско првенство

СКОПЈЕ, 25 јуни 2010 – Десет прекршочни и четири кривични пријави ќе бидат поднесени против кабелски оператори, кои го прекршуваат Законот за радиодифузната дејност. Ова беше одлучено на последната седница на Советот за радиодифузија (СРД) по извршениот мониторинг на програмите што ги реемитуваат кабелските оператори во нивните аналогни и дигитални пакети во внатрешноста на земјата.

„Прекршувањата најмногу се однесуваат на реемитување на програми за кои операторите не обезбедиле авторски права, а некои одат дури дотаму што нудат и цели програмски пакети, што не ги регистрирале во Советот за радиодифузија. Ние како регулаторно тело нема да толерираме вакво драстично прекршување на законските одредби.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.

Преку поднесување кривични пријави СРД ги санкционираше оние оператори на кабелски мрежи, што нелегално го пренесуваат Светското фудбалско превенство, реемитувајќи странски телевизиски канали. Членовите на СРД ги потсетија операторите дека ексклузивните права за реемитување на Светското фудбалско првенство во Македонија единствено ги има јавниот радиодифузен сервис – Македонската радиотелевизија.

СРД продолжува со засилениот мониторинг на операторите на јавните комуникациски мрежи како во Скопје така и во внатрешноста на земјата.



Accessibility

Accessibility