30.06.2010г. Советот за радиодифузија и останатите државни и јавни институции се мобилизираат во борбата против пиратеријата

image_pdfimage_print

СКОПЈЕ – 30 јуни 2010 – Претставниците од СРД, Агенцијата за електронски комуникации, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Заводот за заштита на интелектуалната сопственост и од Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост на денешниот состанок што се одржа во СРД им дадоа рок на операторите до 7 јули 2010 година

да достават список на телевизиски програмски сервиси за кои во моментов или во блиска иднина ги имаат регулирано авторските права за нивно реемитување на македонскиот пазар без разлика дали тие се емитуваат аналогно или дигитално преку јавните комуникациски мрежи (кабелски, IPTV и DVB-T – оператори).

„Советот за радиодифузија одлучно останува на ставот дека нема да толерира нелегално реемитување на аудио-визуелни содржини. Нашата акција на мониторинг на програмата што ја реемитуваат операторите продолжува и понатаму и најстрого ќе ги санкционираме прекршителите преку прекршочни и кривични пријави.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски додавајќи: „Денешниот состанок е доказ дека најважните институции, надлежни за заштита на авторските и сродните права покажаа подготвеност за соработка, а резултатите веќе се видливи на терен. Уште поголем успех очекувам во најблиска иднина.“

СРД во најкус можен рок ќе ги провери списоците на телевиски програмски сервиси што ќе ги достават операторите и јавно ќе ги објави на веб-сајтот, со што ќе бидат ставени на увид на целата јавност. Со ова ќе се сведе на минимум можноста одделни оператори на јавни телекомуникациски мрежи да реемитуваат телевизски програмски сервиси надвор од регистрираните програмски пакети, депонирани во СРД.

На овој начин се обезбедува лојална конкуренција меѓу операторите на јавните комуникациски мрежи и нивно легално однесување на медиумскиот пазар, а и значително се придонесува и кон заштитата на претплатниците на операторите од инцидентно вклучување и исклучување на нерегистрирани телевизиски канали.



Accessibility

Accessibility