СКОПЈЕ, 10 август 2010 – Советот за радиодифузија (СРД) ги повика сите телевизиски станици во Р. Македонија да ги почитуваат авторските и сродните права на содржините што ги емитуваат без разлика дали се од странска или домашна продукција по реакцијата на Филмскиот ценатр „Вардар филм“ за неовластено емитување негови филмови на програмите на некои радиодифузери.
Пред секое емитување на филмови од продукцијата на „Вардар филм“ телевизиските станици мораат да склучат договор за нивно телевизиско емитување, зашто оваа установа нема долгорочни договори за емитување со ниту една телевизиска куќа во Македонија.
„Советот за радиодифузија ќе го продолжи засилениот мониторинг како врз операторите на јавните комуникациски мрежи така и врз радиодифузерите од аспект на почитување на авторските и сродните права. Секое непочитување на авторските и сродните права повлекува прекршочна, кривична и граѓанска одговорност.“ – изјави претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.
Во текот на минатите четири месеци СРД поведе триесеттина прекршочни и кривични пријави против субјекти, коишто ги прекршиле законските одредби за заштита на авторските и сродните права. Во борбата против пиратеријата СРД тесно соработува со сите надлежни институции, како што се владиното Коориднативно тело за заштита на интелектуалната сопственост, Државниот пазарен инспекторат, МВР, Заводот за заштита на интелектуалната сопственост и други.