СКОПЈЕ, 9 март 2011 – Со оглед на интензивираното политичко рекламирање на телевизиските програмски сервиси, Советот за радиодифузија (СРД) уште еднаш им укажува на електронските медиуми дека и за политичкиот маркетинг мора да се почитуваат стандардите за рекламирањето, утврдени во Законот за радиодифузната дејност.
Ова особено се однесува на обврската рекламирањето да го почитува човековото достоинство, да не поттикнува омраза, да не ги навредува политичките и религиските убедувања и да не и’ нанесува штета на малолетната публика. СРД напоменува дека политичкото рекламирање треба да биде соодветно означено и во рамките на дозволените лимити за рекламирање на реален час програма, а секое пречекорување ќе биде соодветно казнето.
Членовите на СРД исто така нагласија дека професионалното и непристрасно информирање на јавноста е темел на демократското општество и е обврска на медиумите, согласно програмските стандарди од Законот за радиодифузната дејност.