15.04.2011г. Во СРД се одржа тркалезна маса за правилниците за медиумското покривање на изборите

image_pdfimage_print

СКОПЈЕ, 15.04.2011 – Над 60 претставници на медиумите, граѓанскиот сектор и меѓународните институции активно учествуваа на тркалезната маса, што ја организираше Советот за радиодифузија (СРД) на 14 и 15 април, во чијшто фокус беа правилниците за медиумското покривање на изборната кампања како и на периодот од распишувањето на изборите до почетокот на кампањата. Овие правилници беа изготвени врз основа на Изборниот законик, вклучително и неговите последни измени.

Во работна атмосфера членовите на СРД заедно со учесниците на тркалезната маса заедно  ги разгледаа и дискутираа за обврските за начинот на медиумското покривање на предизборните активности:

„Главната цел на овие подзаконски акти, што ги изготви Советот за радиодифузија и ги стави на јавна расправа е да овозможи на што пониско ниво да се сведе политичкото влијание врз медиумите и да се превенира можна злоупотреба на медиумите од страна на политичките партии. Нашата идеја е токму преку јавни консултации пред се’ со медиумите со што е можно поширок консензус да ги дефинираме правилата за медиумското претставување за време на изборната кампања и во периодот пред нејзиното започнување. Наша обврска како регулаторно тело е да обезбедиме максимално можно избалансирано информирање на јавноста, заштита на медиумскиот плурализам и пред се’ заштита на правото на граѓаните објективно и професионално да бидат информирани“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски, за време на јавната дебата.

“Предлог правилникот за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања“ и  “Предлозите за измена на правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време  на изборната кампања” СРД исто така ги стави и на увид на севкупната јавност на веб страницата на СРД со можност сите заинтересирани страни да дадат свои коментари и забелешки со цел пред започнувањето на предизборните активности да се постигне најквалитетен текст на овие подзаконски акти.

 



Accessibility

Accessibility